Во текот на вчерашниот ден, од Агенцијата за вработување, добив порака на мобилен телефон, со закана дека доколку не се појавам денеска, во Центарот за вработување во Битола, ќе бидам избришана од евиденцијата на невработени!
Исплашена дека на овој начин ќе ги загубам бенефициите кои ми следуваат како невработена, поради што и се пријавувам редовно секој месец, поточно, последен пат се пријавив само еден ден пред да ја добијам заканата, се појавив во терминот кој е наведен во пораката“, ни пишува граѓанска новинарка од Битола, која сака да остане анонимна.
„Свесна дека се работи за притисок и злоупотреба на нас невработените, преку вакви уценувачки пораки, решив да прашам зошто ги договараат информативните средби за користење, конкретно во овој случај, на неповратните средства за отворање на свој бизнис. Госпоѓата која ја водеше средбата, беше изненадена од моето прашање и се согласи со мене дека не е во ред да се испраќаат такви пораки. Од друга страна, вработените во АВРМ-Битола, истакнаа дека пораки со уценувачка содржина се испраќаат за да бидат сигурни дека невработените лица ќе се појават на средбите.
Моето прашање ги поттикна и останатите присутни кои потврдија дека и тие добиле исти пораки, и дека според нив, не е во ред да бидат уценувани, затоа што секому може да му се случи да биде спречен да дојде на информативна средба, особено кога за сите овие можности има информации на интернет, и тоа не смее да биде причина да бидат избришани од евиденцијата на невработени“, резигнирано потенцира е граѓанската новинарка.
Оваа содржина се објавува во рамките на третиот круг од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот Граѓански објектив на ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.