„Правото на глас не е привилегија. Тоа е право кое никој не смее да го одземе, ниту да го ограничи или манипулира. Со правото на глас никој нема право да тргува или да ја условува слободната волја на гласачите со услуги, бенефиции, пари, безбедност или со други придобивки, права или забрани…“, пишува во „Моето гласачко право“, едукативна публикација на ЦИВИЛ за јакнење на јавната свест, едукација и мобилизација на граѓан(к)ите за подобрување на изборните процеси што јасно го дефинира изборниот поткуп.
Понатаму, во истата публикација, организацијата им се обраќа и директно на гласачите: „Ти никому ништо не должиш. Поткупот што ти го нудат, ќе биде повеќекратно наплатен од тебе, од твоето семејство и од твоите сограѓанки и сограѓани!“
Поткупот на гласачите е најчесто насочен кон најранливите категории на граѓанки и граѓани. Сиромашните, оние што зависат од социјална помош, што не можат да си ги платат сметките за струја или вода, што немаат ни за леб… Тие се „најевтините“ гласачи, а поткупот за нивните гласови најчесто е 500 денари по човек. Но, често тој износ се заменува со вреќа брашно, кутија со намирници и средства за хигиена, а неретко и со плаќање сметки.
Најинтензивно, поткупот на гласачи се случува на денот на гласање. Тогаш, гласачкото тело се подложува на закани, уцени, нудење работни места, но и на поткуп. Поткупот го спроведуваат и најобични партиски солдати, но и функционери. Тоа е добро организирана и софистицирана криминална операција што чини многу пари. А, поткупот на гласачите го плаќаат самите гласачи.
Б. Јордановска