Анонимен граѓански новинар испрати фотографија од соопштение кое деновиве кружело низ едно средно училиште во центарот на Скопје. Според извештајот на граѓанскиот новинар, ова соопштение на глас го читале ученици во текот на наставата, нешто што единствено може да го одобри раководството на училиштето.
Неколку професорки и професори во ова средно училиште се спротивставиле на читањето на соопштението и не им дозволиле на учениците да го читаат пред нивните класови.
Во истото училиште, ученичките и учениците во втората училишна смена се ослободуваат од настава за да учествуваат на протестите во организација на здружението За заедничка Македонија.
Податоците за училиштето и други детали за оваа противзаконска индоктринација и политичка мобилизација на малолетници се познати на ЦИВИЛ. Во продолжение, ја објавуваме содржината на соопштението и фотографијата која ни ја испрати граѓанскиот новинар:
Средношколци, другари, пријатели
Време е да се чуе и нашиот глас. Нашиот став е јасен. Сакаме да живееме во унитарна и суверена Македонија. Сакаме во Македонија да се цени квалитетот на човекот и неговото знаење, а не да се решава иднината по етнички клуч и уцени.
Ние средношколците не прифаќаме уцени.
Средношколците сакаат унитарна Македонија во која поединецот ќе биде приоритет, а не етничките права.
Нашиот повик треба да биде најгласен, нашите права најбитни. Затоа ајде и ние гласно да го кренеме нашиот глас и да кажеме НЕ! НЕ ЗА РАЗНЕБИТУВАЊЕТО НА ДРЖАВАТА! НЕМА ДА МОЛЧИМЕ НИТУ ДА СТОИМЕ НАСТРАНА НИЕ КОИ СМЕ ИДНИНАТА НА МАКЕДОНИЈА.
Се гледаме денес во 15 часот да го искажеме нашиот револт.
This post is also available in: English