И официјално вчера (1 април) започна кампањата на претседателските кандидати. Секој од кандидатите избра различно место за промовирање на својата кампања, Силјановска-Давкова во својот роден Охрид, Блерим Река во Скопје, и Стево Пендаровски, во Прилеп.
Настапите на секој од кандидатите беа различни, а атмосферата помеѓу насобраните поддржувачи и гласачи очигледно беше, во најмала рака, ентузијастична, кај едните со примеси на свечена конвенција и презентација на кандидатот пред одредена јавност, кај другите со овации како по победа на избори, кај третите дури како и на слет – организација при давање штафета на Другарот Тито.
Силјановска – Давкова им се обрати на своите поддржувачи од говорница, навидум со лежерен говор и сигурност на бивш претседател на држава, со употреба на цитати од Прличев, и идеолошка блискост со Бернард Шо, Русо, Џеферсон и Венизелос, со глас како да чита на внуче пред спиење. Не испушти да порача дека кога таа ќе стане претседателка на државата, ќе го смени името, меѓутоа не и пречи да се кандидира за претседател на држава чиешто име не го признава. Во својот говор често се навраќаше на враќање на моралот, што и да значи тоа во овој контекст. Ветото, како алатка на претседател на држава, ќе го користи во секоја дадена можност. Наликуваше на предизборна кампања за парламентарни избори.
Од синоќешниот тромав настап, Силјановска – Давкова денеска се одмори со сесија „Јога со Гога“ на брегот на Охридското езеро, за којашто сесија дури направи и Фејсбук евент, за да и се приклучат нејзините поддржувачи. Според споделеното видео од јога сесијата, посетеноста била слаба. Поддржувачите на Силјановска – Давкова не се толку по мирот во душата, колку што се за извикување пароли по митинзи.
Блерим Река, независниот кандидат, и единствениот Албанец кандидат за претседател на државата, својата промотивна конвенција ја одржа во Скопје, на платото кај споменикот на Скендербег, во скопската Чаршија. Кај Албанците. На почетокот на конвенцијата, се обрати Биљал Касами, лидерот на Беса, една од двете парти што ја поддржуваат кандидатурата на Река. Се чинеше дека тој се кандидира, додека на средина на своето излагање не спомна дека тука се собрале да го поддржат Блерим Река. Потоа, му ја отстапи говорницата на Зиадин Села, лидерот на Алијансата за Албанците. Села одржа остар, гласен и осврнувачки говор, во кој ги повика сите Албанци без разлика на партиската припадност, да гласаат за Река. Блерим Река го одржа својот прв говор како претседателски кандидат пред свечената јавност, посочувајќи, меѓу другото, дека Али Ахмети лично нема да излезе на кампањата на заедничкиот кандидат Пендаровски, бидејќи на минатите избори ја минирал неговата кандидатура, а сега ќе го поддржи од сенка, само заради власт. Река ги повика гласачите Албанци да излезат и да гласаат за него, со што ќе докажат дека не се веќе „анонимните 20%“, како што се третирани веќе дваесет години, да не го поддржуваат концептот на статисти, да покажат дека не се само гласачи, туку дека се гласани. Како скопјанец и кандидат за претседател на сите граѓани на Република Северна Македонија, своето прво обраќање до јавноста можеше да го направи на плоштадот Македонија, како доказ за присутност и право на користење на јавни површини и од страна на другите заедници во земјата. Наликуваше на предизборна кампања за парламентарни избори.
Кандидатот на владината коалиција Стево Пендаровски својата кампања ја започна со трибина во Прилеп, придужен од премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и други функционери од партијата. Пендаровски беше модератор на настанот, со опуштен и неполитички настап, пристапен и забавен за насобраните прилепчани. Се додека не му ја препушти сцената на Зоран Заев, кога сите присутни станаа на нозе и го поздравија со овации. Како Елвис Присли. Публиката во првите редови беше сместена во столчиња и со транспаренти испишани со слоганот на изборната кампања на Пендаровски, „Заедно Напред“, коишто ги креваа на секое ракоплесакње од публиката, како на слет. Заев сепак го промовираше кандидатот на коалицијата во најдоброто можно светло, но го остави под својата ѕвездена сенка. Наликуваше на предизборна кампања за парламентарни избори.
Пендаровски на својот профил најави дека неговата програма за претседателската кампања од денеска ќе може да се следи и на неговиот нов официјален Фејсбук профил, на албански јазик.
Д. Тахири