Вистинито и објективно, избалансирано, правично, рамноправно, чесно и независно, професионално, со коментари јасно одвоени од информациите, толерантно, слободно и одговорно. Ова се клучните зборови во начинот на кој медиумите треба да известуваат за изборите, сумирани од одредбите на Изборниот законик, но и од принципите на Повлебата за етичко известување за изборите на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
Делот од Изборниот законик кој го дефинира однесувањето на медиумите во предизборниот процес може да биде закон сам по себе. Цели шест страници од „Глава 6 – Изборна кампања“ се однесуваат на обврските на медиумите во текот на изборната кампања, цела страница од Поимникот ги дефинира облиците на известување во кампањата, а огромен простор им е посветен и во делот на казнените одредби во Законикот.
Изборниот законик на учесниците во изборната кампања им го гарантира правото и во медиумите да имаат рамноправен пристап и под еднакви услови, и им дава можност да побараат судска заштита ако им биде повредено тоа право. Законикот ги обврзува медиумите изборите да ги покриваат „на правичен, на избалансиран и на непристрасен начин“. Медиумите и нивните вработени не смеат да финансираат или да донираат на политички партии.
„ Уредници, новинари, водители на програма и презентери, ангажирани во подготвување програми на радиодифузерите, не смеат да учествуваат во предизборни активности на политички партии, коалиции, групи избирачи и нивни претставници, односно учесници во изборна кампања. Доколку се определат да учествуваат во вакви активности, нивниот ангажман во програмите на радиодифузерите им мирува од денот на распишување на изборите до нивното завршување“ – стои во членот 75-в на Законикот.
За редовните активности на државните органи и јавните претпријатија не смее да се известува како за предизборна кампања, а до крајот на изборите медиумите не смеат да објавуваат реклами платени со буџетски пари. Платеното политичко рекламирање, пак, мора да биде видливо означено, како и неговиот нарачател. Мора да биде објавено и името на нарачателот, како и основните параметри, и на испитувањата на јавното мислење што ќе бидат објавени во предизборната кампања.
Програмите наменети за малолетната публика не смеат да се користат за изборно медиумско претставување, а малолетници не смеат да учествуваат ниту во платеното политичко рекламирање.
И. К. Илиевски