Нов циклус на натпреварот „Биди граѓански новинар“

ЦИВИЛ – Центар за слобода упатува нов повик до граѓанските новинарки и новинари активно да се вклучат, преку свои фотографии, видео и аудио материјали, како и текстови, во процесот на креирање слободно и објективно известување на сите социо-општествени и политички процеси кои влијаат на развојот на демократијата, еднаквоста и слободата.

Медиумскиот мрак од ден на ден сé повеќе се згуснува, што е повод за аларм до сите продемократски сили во Македонија дека борбата не само на слободните медиуми, туку и на граѓанките и граѓаните, треба да стане пожестока.

CIVIL1

Сите содржини кои сведочат за прекршувањата на човековите права и слободи, кои граѓанските новинарки и новинари ги доставуваат до јавноста, се последната одбрана на слободните медиуми против корумпираноста и манипулациите во медиумскиот простор.

Сите истражувачки стории, видео прилози, фотографии на граѓанските новинарки и новинари, објавени на нашиот веб-портал и особено, наградените во рамки на натпреварувачките циклуси „Биди граѓански новинар“, се вистината со која треба да се соочи агресивната пропаганда на владејачкиот режим. ЦИВИЛ ги повикува граѓанските новинар(к)и да аплицираат и на новиот циклус на натпреварот „Биди граѓански новинар“.

Секој може да биде граѓански новинар! Во пресрет на следниот циклус на доделување на наградите, ЦИВИЛ Медиа ве охрабрува да бидете активни креатори на  демократизацијата и ослободувањето од стегите на власта врз јавното мислење и слободниот збор.

За пристап до ФОРМУЛАР ЗА УЧЕСТВО кликнете ТУКА. Прилозите може да се испраќаат и на [email protected], а доколку материјалот е преобемен, треба да се користат онлајн сервисите за трансфер, како WeTransfer.

Наградите за граѓанските новинар(к)и се доделуваат во рамки на  проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, финансиран од National Endowment for Democracy.