На доделувањето на наградите за граѓанско новинарство, Дехран Муратов, новинар, активист и член на тимот на ЦИВИЛ, ја подигна првата награда за сторијата „Таткото на злоставуваната штитеничка: Ако остане во дом повторно ќе забремени“.
Оваа награда не е на Дехран, туку на оние храбри луѓе што решија да проговорат, а го видоа ЦИВИЛ како можност да проговорат за сите оние табу теми, за кои никој не збореше, досега сите молчеле… ја имавме честа за ексклузивно интервју со таткото на девојчето што му беше одземено затоа што бил сиромав и питачел“, изјави Муратов.
Тој додаде дека институциите потфрлиле и дека некој мора да сноси одговорност за сексуалното злоставување и експлоатација на малолетното девојче.
„Институциите му го одзеле родителското право затоа што питачел со девојчето, за да институциите го преземат и однесат да биде искористено за сексуални услуги. Ако мора да вагаме дали е подобро да питачи или да биде злоупотребена за сексуали услуги, јас ќе речам нека питачи. Родителот добил три години затвор за питачење, а тие што требаа да го заштитат девојчето креваат раменици… Се надевам дека виновниците навистина ќе бидат зад решетки и дека некој ќе одговара“, додаде Муратов.
Одлуката за првата награда токму за оваа сторија, тричлената комисија ја донесе со цел разоткривањето на овој монструозен чин во кој длабоко се инволвирани институциите, да биде поттик за разобличување на сите останати што останале прикриени и конечно да се спроведат систематски реформи во институции што се надлежни за згрижување на деца и бездомници.
Биљана Јордановска
Монтажа: Маја Ивановска