Кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, доцна синоќа објави соопштение во кое најостро реагира на лажните написи на интернет порталот „Лидер“ со наслов „ПОЛИТИКА, ПАРИ, ШВЕРЦ: Зелената куќа во Крива Паланка од која се раководи шверцот на тутун“ со кои, како што се вели во демантот, пропагандни структури се обидуваат да ја компромитираат и да ја попречат борбата против корупцијата. Текстот е објавен и во други интернет портали од истата групација.
Вицепремиерот Николовски демантира било каква поврзаност со наведените субјекти и чинители и ги повикува сите граѓани, сите медиуми и сите со каква било информација за нерегуларности за увоз на тутун веднаш да пријават сѐ што имаат до знаење до полицијата и до царината.
Во демантот се наведува дека, спротивно на манипулациите на „Лидер“, во февруари 2021 година, Царинската управа спроведе акции за заплена на нелегален тутун и целосно разоткрила потенцијален шверц со тутун, за што е поднесена и соодветна кривична пријава.
„Тоа се случи уште на почетокот на месец февруари, пред овој случај да биде објавен од ВМРО-ДПМНЕ и од порталот којшто денес се повикува на лажни тврдења од опозициски партии. Да сумираме, неселективно и одлучно, институциите излегоа и констатираа наоди, со соодветни кривични пријави. Не е само овој случај и не е само оваа акција, запленети се 146.278 килограми тутун, внесен во државата како необработен и пуштен незаконски во промет. Поднесени се кривични пријави по основ на неплатена акциза од близу 5 милиони евра“ – се образложува во демантот.
„Владата сериозно се занимава со спречување корупција и шверц и токму поради тоа, ги повикува лицето Љупчо Златев и порталот „Лидер“, веднаш да ги пријават сите информации кои докажуваат или укажуваат на каков било евентуален шверц со тутун“ – се вели понатаму во соопштението.
Од кабинетот на вицепремиерот Николовски се повикуваат Златев и „Лидер“ најпрво да ја исполнат својата обврска да го објават демантот и да му се извинат на вицепремиерот Николовски за дезинформирањето со кое имаат намера јавноста да ја доведат во заблуда за лажна и непостоечка врска на Николовски со наводен шверц на тутун. Во спротивно, за изнесените клевети и лаги, ќе следат соодветни судски тужби.