„Кратки нозе“: Растат платите, растат и цените, дали куповната моќ се зголемува или намалува?

Економијата и куповната моќ на граѓаните се вечно актуелна тема. Секако, оваа тема е податлива и за манипулации, за што се користат и вистински бројки, но со погрешни споредби. Таков е примерот со твитот на Џорџ Вашингтон од Македонија, кој ги споредува цените на бензинот и плинот со просечната плата, за да заклучи дека таа се зголемува, a куповната моќ се намалува. Објавата минатата недела беше меѓу најпопуларните 30 твитови, со дури 93 ретвита и 329 допаѓања.

 

Но, граѓаните не купуваат само бензин или плин во месецот, туку и многу други производи. Далеку посоодветно за споредби со платите е потрошувачката кошничка. А таму, бројките говорат за раст на куповната моќ на граѓаните. Ако во 2017-та за една потрошувачка кошничка биле потребни над 3 минимални плати, сега таа бројка е нешто над 2 минимални плати.

Сепак, куповната моќ на граѓаните во Северна Македонија е далеку од посакуваната, од онаа на развиените земји кон кои стремиме. Но дали се ваквите манипулации решение за подобрување на состојбата? Секако дека не. Затоа, граѓаните треба да внимаваат со вакви статистики и погрешни споредби, особено од анонимни профили што се користат за манипулирање на публиката на социјалните мрежи.