Крајот се ближи… изборна кампања, ден 17

Биљана Јордановска

Кој со кого кафе пиел, кој со кого спот снимал, кој кого почитувал, кој со кого се дружел, кој како ќе продава гласови и дали воопшто е битно на самиот крај од изборната кампања, да се собираат политички поени преку деструктивните, очајнички потези на дел од инволвираните во самиот изборен процес.

И додека Стево Пендаровски беше во Штип, Кратово и Пробиштип, Гордана Силјановска Давкова ги посети Берово и Делчево, а Блерим Река си чекаше гости во штабот и меѓу другото учествуваше на дебата на ТВ Алсат-М со другите двајца кандидати.

Пендаровски во Пробиштип и Карбинци не рече ништо ново и ексклузивно. Неговиот фокус беше насочен кон невработеноста, состојба што би се поправила кога би влегле у ЕУ и НАТО. Не за друго, туку дека се има план како да се задржат младите.

„Патот по кој оди оваа Влада води кон развој, нови инвестиции, подобар стандард, поголеми плати и нови работни места, а сето тоа е поттик младите да останат дома“, изјави Пендаровски, како да е дел од ентураж на парламентарни избори, а не претседателски кандидат. Всушност, ги повтори истите ветувања и од локалните избори во 2017, од изборите во 2016, изборите…

„Направивме политичко чудо. За прв пат една држава во регионот почна да се однесува европски, нашата, и со тоа придонесува и за државната и за регионалната стабилност. Не случајно, Заев е предложен за Нобелова награда за мир“, рече Пендаровски во Штип.

Што се однесува до Гордана Силјановска Давкова, таа во Берово, конечно, си ги искажа болките и маките. Нормално, најболното е што татковината немала мајка водилка, па кутрата таа претрпела и  промена на името, идентитетот, достоинството, гордоста. Ама, затоа, таа е тука, и како жена и како мајка, а секако би сакала да биде тоа и како идна претседателка.

А за да не дојде до забуна дека таа самата стои на работ на „битката“ што сите нѐ очекува на 21 април и 5 мај, појасни: Кои сме ние? Јас како претседател по претседателските избори и новата влада по предвремените парламентарни избори“.

Ваквата најава ја надополни и Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во чие име настапува Силјановска Давкова, за да не се заборави и да не помине еден митинг без задолжителната опседнатост со Зоран Заев и СДСМ, па си ја раскажа својата најголема желба: „Ќе дојде денот кога повторно ќе излеземе и ќе разговараме за вистината, а таа е дека Зоран Заев и СДСМ после овие претседателски избори ќе бидат минато, кое нема да се случи никогаш повеќе“.

И Река не остана без провокативни елементи. Првин, кафе со професорката, Ставо нешто не бил заинтересиран или допрва ќе се дружат. Денот во секој случај остана запомнат и по дебатата на ТВ Алсат-М и видео прилогот во кој тој и неговата противничка Силјановска се главните ликови. Пендаровски испадна дека не сакал да учествува. Односно, така излегува според „Другата страна на политиката“ што го направиле прилогот.

Денешниот медиумски ден остана во фокусот на оваа политичка преписка, од моментот кога било снимено, зошто било снимено, дали Пендаровски одбил или не, колку Река и Силјановска се блиски, како и на шпекулациите кај ќе одат гласовите на Река во вториот круг.

Спотот, всушност, го сподели Силјановска пред почетокот на дебатата, со доза на провокација во смила – зошто ли Пендаровски не прифатил. Тој, пак, се правдаше со недобивање покана, „Другата страна на политиката“, пак, кажа дека тоа не е точно…

Но, самата дебата ги побуди емоциите меѓу кандидатите во однос на Законот за јазици, Албанците, кој повеќе смета на нивните гласови… Уште на самиот старт на дебатата, Силјановска Давкова невешто го избегна прашањето на водителот за тоа што ќе направат во врска со Законот за јазиците и неговото спроведување. Таа, парафразирано, кажа дека ќе го почитува законот додека е во сила. Тоа не значи дека е негов жесток противник, а ниту дека нема да се бори против тој закон, како и кон сѐ што ја прави Северна Македонија мултикултурно и мултиетничко општество.

И додека тие дебатираат и се борат со последниот здив што им останува во овие два дена, некаде попатно водата ја заматуваат исто така битни прашања, дали ДИК ќе спроведе избори какви што вети, дали ДКСК нема да се измори на крајот или ќе продолжи со силно темпо на работа, колку ефективни ќе бидат ревизорските извештаи на ДЗР, и, во крајна линија, како баш на руската социјална мрежа ВКонта́кте баш сега се појавија прислушувани разговори кои, некако, ги поврзуваат луѓето што јавноста не очекува дека би можеле да бидат во пријателска комуникација, ниту во контекст на криминални дејствија.

Два дена пред изборен молк. А, сите институции изненадени. Колку овие информации ќе се искористат во напад или одбрана, допрва ќе видиме.

Претседателските кандидати повеќе работат за своите поддржувачи, отколку за себе. Јавноста е блокирана со дефокусирање од лажни вести, говор на омраза и црна пропаганда. Системски грешки во спроведување на изборните процеси, овој, сите претходни, па и сите идни, ќе си ги покаже своите недоследности на денот на гласање. И сакаме иднина и сакаме Европа… сакаме да гласаме за претседател што нема да нѐ изневери.

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.