пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Македонија е малтретирана земја. И однадвор, но сепак најмногу од самата себе одвнатре. Ова и историски и тековно. Првото е тема за историчарите и за хроничарите. Ова второто, актуелново политичко, посебно ова тридецениско самостојно плурално, упатува на состојба, на државен и општествен амбиент во кој речиси немало ниту ден да се здивне.
Од конфликт до конфликт, од кавга до кавга, од афера до афера. Во таквите перманентни и најчесто нејасни состојби, би требало да се бараат и причините за македонските стагнации. За институционалните атрофии кои го појаснуваат нашиот тридецениски развоен од во место. И тоа, еве како рецидив се влечка до ден денес. Едни туркаат напред, други влечат назад, трети уште закачени за историски романтизми, четврти…
Тој македонски ментален обрач, таа стега што нè закотвила на последното европско скалило по сите егзистенцијални параметри, тоа тргни-застани, тие чекори те напред – те назад, тој наш немир блокиран во морето од партизираност, од корупција, од клиентелизам, од непотизам и, секако, за цела наша среќа, одвреме-навреме ни го „изместуваат“ странците. Пред сè, американската дипломатија на која, така излегува, многу повеќе отколку на нашите партиски елити, ѝ е поважно ова парче, сега и НАТО земја, барем елементарно да се потспастри и барем малку цивилизациски да се упристои.
Нам, на нашите партиски водства, наспроти постојаните очекувања, еве и на прагот од четвртата деценија самостојност, плурализам и нели демократија, уште никако да ни дојде макар доза европско отрезнување. Малку беа и решенијата на Бадинтер и насоките на Прибе и охридскиот и договорите еден и два и три пржински и колку ли уште ќе ги има. А ќе ги има сè додека приоритетно политичките елити не се демократизираат и сè додека прво тие проевропски не се потсредат. Прво тие да се демократизираат и да ја ослободат сопствената држава од самите себе. И притоа, секако, да нè ослободат и нас граѓаните и да нè препуштат на институциите.
Македонија е постојано на некаков почеток. Во истиот филм без епилог. Еве и сега, по којзнае кој пат, заглави во зарибаните партиски релации. Пак во состојбата ниту ваму – ниту таму. И срам, не срам, пак мораше да интервенира американската администрација. И овој пат, повторно нејзиниот највисокиот дипломат задолжен за регионов, Метју Палмер. И пак, како педагог во дом за деликвенти. Ги искара адолесцентите, им даде по пет минути да се средат, да ја подистресат партиската прав од себе и да ги поттурнат и парламентот и законите и пописот и…
До кога сево ќе потрае, до првиот нареден меѓупартиски инает ли, до првата интервенција на меѓународната, ќе се види бргу. Искуството зборува дека за нови партиски препирки не ќе треба да мине многу време. Наспроти актуелните опструкции на соседите, државата Македонија уште не го препознава патот за Европа. Уште талка по теснопартиските беспаќа. Уште никако да се ослободи од транзициската агонијата што нè замајува еве веќе цели три децении.
Сепак, нели сепак, одвреме-навреме ќе кресне по некоја искра и по некоја демократска појава ќе влее трошка надеж. Во таа насока, еве, се случи и конгрес на СДСМ. За првпат, првиот човек на партијата е избран од членството на непосредни избори. Водството на ВМРО-ДПМНЕ, пак, се извлече од вонредниот конгрес на кој во најава беше проектирана негова смена. Иницијативата издиша само поради фактот што меѓу тамошните партиски алтернативци има евидентна концентрација на компромитирани кадри од времето на груевистичкиот режим. Во ДУИ, пак, и натаму подзаспана од сè уште преслабата опозиција, засега само спорадично се слуша за по некој внатрешен конфликт во врвот на партијата. Ќе пушти по некој сигнал дека и таму е можно поместување од веќе бајатите партиски манири.
Сè на сè, бавно, несигурно и пак – ништо без Палмер и неговите. Најсвежиот пример за заблудената кусогледа политика, е речиси пропаднатиот попис засега утешително именуван како одложен. За светот одамна, една обична и нужна статистичка операција, овдешните партиски водства повторно успеаја да ја преобразат во чисто политичка. Пак им појде од рака да го поделат општеството и, судејќи по реакциите, граѓаните да ги сместат во нивните препознатливи етно навивачки табори. Пак им успеа еден обичен државен административен проект, од институционалните, од стручните професионални патеки, да го пренасочат на својот познат партиски терен. И ете го, на повидок, пак речиси идентичниот епилог како со претходниот обид за попис од нели, времето на режимот.
Македонија повеќе нема ниту место ниту време за било кави потреси предизвикани од партиски и од меѓупартиски малтретирања. Ниту пак општеството има веќе сили да поднесува историски фрустрации и романтичарски соништа. Земјата денес е тоа што е и е таква каква што е. Неповратно граѓанска. Со граѓани овде и со наши сограѓани надвор во потрага по егзистенција. Партиските стампеда по етнички евиденции, пак ни го донесоа Палмер. Најмоќната светска демократска администрација пак да ни превенира конфликти кон кои упатуваат себичните партиски политики, вклучително и овие актуелниве со пописот.
На земјава ѝ престојат реформи. И потребни се и меѓупартиска кооперативност и меѓуграѓанско единство. Потребно и е натамошно унапредување на концептот една држава за сите и едно општество за сите. Кон таа цел, ако е потребно, а веројатно е, ќе бидат нужни и нови уставни корекции. Тоа, конечно барем еднаш, ќе мораме и ќе мора да можеме да го сториме самите, зашто веќе доволно ги измалтретиравме и Палмер и неговите.
Судбината, во ова мало македонско котле, сме си сите ние самите.
Ајде да го европеизираме.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.