Ќе извади ли СДСМ билет во еден правец?

Заев направи три крупни упади во редефинирањето на рецептите и соодносот на мирудиите во овдешното партиско кулинарство. И за трите интервенции многумина партиски дејци уште долго нема да му простат... За да се измери вистинскиот демократски капацитет на СДСМ, сега е моментот сите кои мислат дека треба да се кандидираат за лидерското место во партијата тоа и да го сторат. Оти, во политиката, за оние кои подолгорочно се гледаат во таа професија, не мора секогаш да се оди на „сигурна“ победа – и начинот на кој ќе изгубиш може да е влог во идната, а и сегашна, успешна кариера

САШО ОРДАНОСКИ

Имаше времиња кога „владеењето“ на струите и кујните во главните македонски политички партии беше една од неопходните „инсајдерски“ алатки за подобро разбирање на домашната политика. Во првите 10-15 години од демократијата, во власта и во опозицијата седеа главно млади лидери – со пет-шест влијателни исклучоци, од типот на Глигоров и уште неколку политички и, особено, бизнис „реликвии“ од времето на комунизмот – па динамиката и пресметките на политичката сцена, барем навидум, се одвиваше на фронтот на идеите и идеологиите. Во земјата (всушност, како и во целиот пост-комунистички свет) главниот збор го водеа партиски првенци/јуришници и јавни интелектуалци и академици главно во своите потентни триесетти и (сметани за „постари“!) четириесетти години од животот.

ЗА КОРМИЛОТО И КРМАТА

Но, додека политичките копја јавно се кршеа (и се остреа) меѓу либералните и националистичките вредности, во позадината се случуваше темелниот процес на прераспределбата на социјалистичкиот во капиталистички имот. Тоа „длабински“ и на долг рок ќе ги одреди насоките на развојот на земјата. Бурните случувања во самата политика и оние врзани за безбедноста на земјата, како регионалните војни до средината на деведесеттите, атентатот врз Глигоров, воениот конфликт во 2001 и погибијата на Трајковски, ќе ја „маскираат“ и ќе ја потиснат во втор план (на задоволство на бизнис-„бароните“) редистрибуцијата на општествениот, во приватен капитал.

Во тие времиња, меѓу другото, за да се разберат процесите, во партиите беше упатно да се знае кој со кого спие, која УДБА/ДБК стои зад кого и кого (не) поддржуваат Американците.

Потоа околу средината на двеилјадитите, двата принципиелни лика на македонската партиска конфронтација – Црвенковски и Георгиевски – полека ќе „фејдаутираат“, главно зафатени со своите внатрепартиски манипулации како да се напушти кормилото на бродот, а да се задржи правецот на пловидба. Таа историја релативно добро ја знаеме: Рада и Бучко не успеаја долго да пливаат како зарзават во мрсните „паприкаши“ на Бранко, а Љубчо мислеше дека, за атер на странците, ќе направи „кратка пауза“ со Грујо, па за неколку години подновен и подмладен да се вратат со Снешка на власт во своето ВМРО. Ништо од бизнисот.

РЕДИСТРИБУЦИЈА НА РЕДИСТРИБУЦИЈАТА

Така почна ерата на Груевски, што ќе трае цела деценија. Во ВМРО набрзо се укинаа кујните, а се воведе една партиска менза во која дневното мени го сервираа исклучиво братучедите – другите партиски функционери, наредени во колона со пластичните послужавници во рацете, можеа со главното јадење да ја бираат само салатата: кисели краставички или цвекло, од преклански конзерви.

Додека таа екипа ја одработуваше новата варијанта на редистрибуцијата на капиталот – претходните од социјалистички во капиталистички, овие од капиталистички во груевистички – од Струмица се зададе еден „темен облак“ што на сите ќе им ги поремети партиските „сунчања“. Уредно си го потценија, а после беше касно.

Добро, и таа историја ја знаеме. И секој си има своја верзија за неа, во зависност од тоа колку го мрази или го сака Заев. Разликите се како небо и земја.

Но, мене нешто друго ми е зборот, што се однесува до партиските кујни, фракции и манџа-мутации… Бидејќи, Заев направи три крупни упади во редефинирањето на рецептите и соодносот на мирудиите во овдешното партиско кулинарство.

ДЕСАКРАЛИЗАЦИЈА НА ХРАМОТ

Првата интервенција е објавата на „бомбите“. Наеднаш, целата јавност доби директен увид во тајните одаи, во спалните и бизнис собите на македонската партиска политика на власта (на ВМРО-ДПМНЕ). На аудио-тацна, во детали коишто ни најдобрите озборувачи така не би ги накитиле, ги дознавме заткулисните игри на главните актери на сцената, во сите карактерни нијанси и приватни финеси, во пењоари и по долна облека, без ракавици и вечерна шминка. Она што порано, до половина, го знаеја само добро упатените партиски „кремљолози“, сега му се ситеше целата нација по канцеларии, кафеани и семејни слави.

(За селекцијата на понудата беше овластен Заев, а некои и денеска тврдат дека целото „мезе“ не се извадило на софрата, за да не се прејадат и гостите, а и за да остане нешто за подоцнежни ужинки на келнерите и куварот…)

Настана еден вид на „десакрализација“ на внатрепартиските храмови на моќта, на компликуваните имотно-правни интереси и деловни влијанија, толку темелна, што бара цела нова генерација на актери за да може да се ресетира. Затоа и сегашниве втори опозициски ешалони на некогашните први ешалони на власта уште мака мачат да излезат од гардероберот на беспоговорната послушност кон дуото братучеди.

ПАРТИСКО БОГОХУЛИЕ

Но, втората интервенција на Заев е, структурно, уште поубиствена за партиските кујни од првата: на врвот од својата моќ и успех – а, можеби и заради тоа! – човекот своерачно реши, речиси на препад, лидерот на владејачката СДСМ да се бира на внатрепартиски општи избори!

Аман! Какво партиско богохулие! Каков опасен удар врз добро разработениот „делегатски систем“ на внатрепартиските конгресни изборни математики и муљажи. Дури и „Др. Еткер“ (Црвенковски) на овдешната политичка ориентална гастрономија остана без зборови! Тоа што Заев првите такви избори акламативно ги доби, макар и без внатрепартиски конкурент, не ја намалува важноста на оваа реформа.

Е, тоа на Заев брокерите на моќта и селекторите во сите партиски дресови никогаш нема да му го простат. Оти, ако може во СДСМ, зошто не би можело, и тоа час поскоро, имено во ВМРО, во ДУИ или, на пример, во ЛДП и Десница?!

„Јагодата“ на тој „шлаг“ – третата крупна интервенција – се неочекуваните оставки на Заев: па каде се чуло и видело, ви се молам, некој да се повлекува, ви се молам, од власта врз партијата и нацијата, ви се молам, што демократски ја стекнал?! Голема работа, едни локални изгубени избори, никој во демократскиот свет заради тоа не се повлекува од националниот трон! … И за тоа сите анализи се веќе направени.

БИЛЕТ ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ?

Но, по оставката на Заев, сега доаѓа на ред вториот лидерски избор во СДСМ по воведената гласачка шема: може да се пријави кој сака, а лидерот го бираат сите, поединечно.

Заев не крие кој е неговиот кандидатски адут: д-р Димитар Ковачевски. Човекот „од сенка“ не е случаен, иако се малкумина оние кои точно знаат зошто е тоа така. Дали во наредните две недели до внатрепартиските избори закажани за 12 декември ќе се јават партиските и општествените „кремљолози“ за да ја објаснат неговата кандидатура, тоа наскоро ќе го дознаеме. Упатно е Ковачевски да не се потценува, како што тоа на времето се направи со Груевски и Заев.

Но, за да се измери вистинскиот демократски капацитет на СДСМ, сега е моментот сите кои мислат дека треба да се кандидираат за лидерското место во партијата тоа и да го сторат. Оти, во политиката, за оние кои подолгорочно се гледаат во таа професија, не мора секогаш да се оди на „сигурна“ победа – и начинот на кој ќе изгубиш може да е влог во идната, а и сегашна, успешна кариера.

На страна што, по Заев, новиот лидер/ка на партијата на власт ќе треба да води демократска сметка за тоа кој и за што не се согласува со него/неа. За да не им се повтори дебаклот на локалниве и на идните парламентарни избори. Инаку тој билет во еден правец уште сега ќе можат да си го резервираат.

 


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.