ИЗБОРЕН РАПОРТ #10: Војна на зборови, злоупотреби на службената положба, важни најави од ЦИВИЛ

Во десеттото издание на „Изборен рапорт“ на ЦИВИЛ, Џабир Дерала ги сподели најновите наоди и анализи на организацијата што произлегуваат од долгорочниот мониторинг на изборниот процес. Воедно, за јавноста, а особено за набљудувачите, соработниците и членството на организацијата, беа споделени неколку важни информации и најави.

КОНТАМИНАЦИЈА НА ЈАВНАТА КОМУНИКАЦИЈА

Одлуката на премиерот Зоран Заев да не се прифатат оставките на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Хасани, беше искористена за нова офанзива во војната на зборови на адреса на власта. И сè би било в ред кога одлуката на премиерот би била предмет на критики, со аргументи и анализи. Но, како и сè друго во нашето општество, јавната комуникација е контаминирана со жесток и вулгарен говор на омраза, преполна со навредливи зборови и простачка дискредитација. Сè за изборен, политички поен повеќе.

Мониторингот на ЦИВИЛ бележи дека во текот на вчерашниот ден, 5 октомври, веќе познатата мрежа од профили на социјалните мрежи и интернет медиуми, лансира огромни количини говор на омраза против премиерот и министерот за здравство. Офанзивата отворено се става во изборен контекст и оди во прилог на повиците за предвремени парламентарни избори или прегрупирање во парламентот, со што се занемарува локалната агенда, иако се наоѓаме среде изборна кампања за локални избори.

ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНАТА ПОЛОЖБА (НАЈАВА)

ЦИВИЛ бележи учество на службени лица на митинзите на одредени политички партии, за кои важат законски ограничувања, односно нивното учество може да се толкува и како злоупотреба на службената положба. Со повеќе информации за оваа појава, во наредните изданија на Изборен рапорт.

ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА, КРШЕЊЕ НА ПРЕПОРАКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19

Мониторингот на ЦИВИЛ бележи присуство на малолетници на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје, како и непочитување на препораките за заштита од КОВИД-19.

Остануваат препораките на ЦИВИЛ за ставање крај на политичката употреба на деца и малолетници во изборната кампања и за почитување на препораките на здравствените власти за заштита од КОВИД-19.

ЦИВИЛ уште еднаш упатува барање до политичките партии кои водат црна кампања да ги распуштат тимовите за продукција и дистрибуција на дезинформации и говор на омраза. Граѓанките и граѓаните се повикуваат да ги отфрлат и да ги осудат говорот на омразата, а секоја информација да ја проверат од релевантни извори.

ВАЖНИ НАЈАВИ ОД ЦИВИЛ

Денеска ЦИВИЛ ќе им испрати одговори на сите заинтересирани за краткорочно изборно набљудување. Воедно, денеска организацијата ќе поднесе документација за акредитирање во Државната изборна комисија.

Во текот на денот, организацијата ќе објави и датуми за обуките за изборните набљудувачи. Сите членови, поддржувачи, соработници и набљудувачи на ЦИВИЛ се повикуваат редовно да ги следат рубриките АКЦИЈА, ИЗБОРИ, МОНИТОРИНГ на www.civilmedia.mk за да се информираат навремено за сите активности во кои има простор за нивно учество.

Тимот на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА ќе имаат голем број средби и интервјуа со кандидатките и кандидатите на локалните избори.

ЦИВИЛ ќе одржи презентација на наодите и анализите од изборниот мониторинг за јавноста и за медиумите на 14 октомври. За точното време и форматот на настанот деновиве ќе бидат објавени дополнителни информации.

ЦИВИЛ е отворен за соработка и за ангажирање на новинар(к)и и асистент(к)и на проекти – до крајот на декември. Потребно е да се испрати биографија и мотивациско писмо на [email protected].

Џабир Дерала, во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ
Камера: Атанас Петровски
Реализација: Ариан Мехмети


Изборниот рапорт на ЦИВИЛ се емитува секој ден во живо на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на ЦИВИЛ.

This post is also available in: English