Двегодишно момче кое питачи е жртва и на системот!

Двегодишното момче кое речиси секој пазарен ден, со часови седи на плочките на плоштадот, пред бизнис-центарот во Прилеп е - жртва. На родителите, на сиромаштијата, но и на системот... Како што јавува граѓанскиот новинар од Прилеп, злоупотребено од најблиските, со „амин“ на државата, ова момченце не е ни свесно дека питачи, и така си ги обезбедува парите за живот...

Мајката на детето (да го наречеме во сторијава - „Орхан“) работи во Македонски Брод и доаѓа во Прилеп, еднаш на две-три недели, а татко му е во затвор. Грижата за Орхан во вакви услови, ја презел негов близок, полнолетен роднина Н. Тој егзистира од продажба на плин за запалки. На тезгата, поставена во непосредна близина на местото каде што питачи Орхан, има стока во вредност од околу 500 денари. Од време-навреме, и кај него, подзастанува некој купувач за да ја наполни запалката, а веројатно, многу почесто, случајните минувачи фрлаат по некој денар, во рачињата на Орхан, или во картонската кутија до него.

14489560_1358383417535190_1125393808_o

Само со еден летимичен поглед во прекрасните, крупни, црни, но тажни очи на Орхан, се будат емоциите кај случајните минувачи, подзастануваат, фрлаат паричка во кутијата... Валканите обравчиња и нечистата, парталава облека на ова двегодишно момченце, не се пречка за многу граѓан(к)и да го погалат по  лицето, да му кажат некој убав збор. Но, наместо мајчината топла прегратка, полна со љубов и разбирање, ова момченце смрзнува, седејќи со часови на студените плочки на плоштадот.

Бидејќи оваа слика е секојдневие, решив да стапам во контакт со нив. Н. не го криеше стравот дека социјалните работници, може да му го одземат детето. Но, беше револтиран, гневен на власта и на локалната самоуправа, чии претставници, како што вели, не преземаат ништо за да им го олеснат животот на децата-питачи и воопшто на ромската заедница.

„Властите доаѓаат во Тризла само кога има избори, за да бараат гласови. Не сакам да кажам сé што мислам, затоа што ќе ми пратат инспекција за тезгата“, вели Н.

Ниту неговата судбина не е розова. Овој човек се обидува да преживее, полнејќи им ги на луѓето запалките, но вели дека на крајот од денот, дома не може да однесе производи за да се прехранат.

Првиот пат кога ги видов Орхан и Н. беше студена, есенска вечер, околу 22,00 часот, а мермерните плочки на плоштадот беа студени како мраз. Орхан седеше на плочките без да се помести, очните капаци му се затвораа.  Граѓан(к)ите не се воздржуваа од реакции и коментари, кажани повеќе за себе.

„Ништо не се презема, сé повеќе деца страдаат, питачат, Прилеп стана град на питачи“, реагираа минувачите.

Овие коментари ме натераа и малку посериозно да гледам на овој настан, како проблем за анализа. Низ примерот на Орхан, следејќи ги и другите питачи во градот, забележав дека старосната граница на децата, кои питачат е симната на најмала возраст. Од друга страна, во разговор со други членови на ромската заедница, дознав дека децата од ромска националност не сакаат да одат во училиште, бидејќи немаат пари за книги, за пристојна облека и за храна, додека се на часови, а не можат и „да го трпат исмевањето на другите деца, кои наспроти нив, ги довезуваат со автомобили во училиште и чии родители им ставаат пари во џеб, за да си купат вкусна храна на одморите, облеката им свети, чиста и миризлива...“ Помислив, добро секој родител му го сака најдоброто на своето дете.

Но, дали некој воопшто помислил дека и ромските деца имаат емоции, дека со ваквата негрижа, општеството им испишува црна животна приказна, а притоа, надлежните институции ги затвораат и „очите“ и вратите... Најавените проекти на Владата за борба против питачење и згрижување на овие деца, за жал, најчесто се само изборен маркетинг, зашто, ако не беа - досега, проблемот ќе беше решен или, во најмала рака, ублажен.


 

Рубинчо Ристески

civiv-lenses-logo-en-lf-200x166

Проект: „Граѓански објектив