Шума на билборди, автомобили, шахти, дупки, помош која постојано доцни, една автобуска карта без придружник, несовесност и дискриминација од институциите се секојдневието на средношколецот и музичар Виктор Тошевски, кој е роден со оштетен вид.
Со сите препреки на кои наидува се соочува со помошта од неговата мајка, која го жртвува својот живот за да може да ги образува своите два сина, кои, за жал, се со иста судбина.
Музиката е животот на Виктор…
Според зборовите на неговиот професор Дамјан Темков, Виктор е еден од најдобрите ученици во класот, кој иако поинаков од останатите успешно ги совладува сите предизвици и одлично напредува.
„Со вежбање и упорност се постигнува сè“, вели Виктор кој освен на клавир свири и на ударни инструменти.
Од училиштето Виктор има огромна поддршка, како од професорите така и од своите ученици. Но да се биде ученик со оштетен вид бара многу повеќе.
На училиште го носи неговата мајка Лепа, која веќе 13 години не работи за да може на своите деца да им го овозможи сето она што им следува на останатите деца.
„Виктор доби една автобуска карта, како и сите останати ученици. Барем да му дадеа уште една за придружник“, вели Тошевска.
Таа вели дека и помошта која ја добива нејзиниот син е нередовна и премногу мала. „Повеќе од 15 години не е качена ниту еден денар, а да не зборуваме за тоа дека постојано доцни“, револтирана е Тошевска.
Тошевска како мајка е револтирана и од институциите и нивниот однос кон неа и нејзиниот син. Пред неколку месеци во една банка Виктор бил оневозможен да го оствари правото на сопствена картичка за банкомат, бидејќи според вработената тој е неписмен.
„Мојот син е слеп, а не неписмен! Сите тие седнати по фотелјите се неписмени!“ огорчено вели Лепа.
Неодамна, Министерството за труд и социјална политика најави лични асистенти за лицата како Виктор. Но тоа не го решава проблемот на ова семејство. Тошевска која повеќе од 13 години не е во работен однос не може да биде личен асистент на сопственото дете. За таа цел државата ќе најми лице кое ќе биде исплатено за своите услуги, а таа како мајка која 13 години ја врши истата должност не добива ниту денар.
This post is also available in: English