Тематската прес-конференција на Државната комисија за спречување корупција за претседателските избори и локланите избори во Охрид, Дебар и Ново Село, беше истовремено и повик до сите граѓанки и граѓани, граѓански организации што вршат изборен мониторинг и со кои соработуваат, но и до медиумите да ги искористат ресурсите што ги нудат во потрага на изборни нерегуларности.
Поткуп на гласачи, злоупотреба на службени возила за митинзи и други партиски активности, трошење на јавни пари, финасирањето на изборната кампања и други нерегуларности во текот на изборната кампања се дел од она што ДКСК ќе го следи во наредниот период.
„Државната комисија во функција на следењето и контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси и во Изборниот законик“, изјави Ивановска.
Таа додаде дека на веб страницата на ДКСК е објавена форма на Пријава за сомневања за незаконитости и прекршувања во изборниот процес и во изборната кампања што може да ја пополни секој што има сознананија за евентуални прекршувања на одредбите на Изборниот законик. Исто така, потсети дека може да се користат информациите од Регистарот за службени возила на државни органи, локалната самоуправа и сите останати што користат државен капитал.
„ДКСК нема да дејстува на терен, тоа е спротивно на законот. Но, ние соработуваме со организации што имаат свои акредитирани набљудувачи што ќе имаат теренски активности и ќе можат да пријавуваат кај нас“, рече Ивановска.
Биљана Јордановска (текст и монтажа)
Камера: Ариан Мехмети