На вчерашниот митинг на Стево Пендароски во Гостивар, граѓанин револтиран од Државната изборна комисија, изјави дека со пиштол ќе им оди затоа што го избришале од Избирачкиот список. Без оглед во кој манир и со какава сериозност е изречена заканата ЦИВИЛ го осудува ваквиот вокабулар и очекува од организаторите да го направат истото.
Како одговор на граѓанинот, утрово претседателот на ДИК, Оливер Деркоски на својот Фејсбук профил напиша: „Добро утро од ДИК (го чекаме овај со пиштолот на кој што му беше речено да дојди) што би рекле комшиите: шта речи, а не заплакати!“.
Сепак, во изјава за „Слободен печат“ Деркоски сериозно одговори дека без разлика на пробемите вадење пиштол не е решение.
„Што да кажам. Го чекаме да дојде револтираниот гласач со пиштол. Ова секако не е нормална реакција на гласач, без разлика каков проблем постои. И досега сме имале закани, но првпат се толку сериозни. Очекуваме Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство итно да постапат по овој случај“, изјави Деркоски.
Како што додал во изјавата, за него загрижувачки е што кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, го поддржал граѓанинот.