Денеска гласа дијаспората, старите и немоќни лица, и затвореници и притвореници

Своето гласачко право денеска можат да си го остварат граѓаните од дијаспората, на 32 гласачки места во дипломатско конзуларните претставништва. Од дијаспората се пријавени 1.782 гласачи. Денеска гласаат и 3.539 болни и немоќни лица, 1.640 затвореници и притворени лица, 71 лице во старски домови и 7 раселени лица пријавени во ДИК за гласање.

Според досегашните известувања, од 22 пријавени затвореници во Струшкиот затвор, 20 лица веќе го оствариле своето право да гласаат за еден од претседателските кандидати. Гласањето на стари и немоќни лица во општина Струга се уште не е завршено. Во општина Струга право на глас имаат 60.459 лица на 101 избирачко место.

Во Старо Нагоричане гласале 6 болни и немоќни лица,колку што биле пријавени во ДИК  за гласање.

Во општина Гостивар денес гласаат 17 болни и немоќни лица. Во општините Дебар и Центар Жупа своето право на глас денеска ќе го остварат 34 болни и немоќни лица. Во преспа ќе гласаат 43  болни и немоќни лица на 26 избирачки места. Во Крива Паланка ќе гласаат 180 болни и немоќни лица. Во Кичево своето право на глас денеска ќе го остварат 73 болни и немоќни лица, и едно лице во домашен притвор. Во општина Македонски Брод ќе гласаат 105 граѓани на 31 избирачко место, а во општина Пласница ќе гласаат 13 стари и немоќни лица. Во општина Охрид ќе се гласа на 88 избирачки места, а денеска своето право на глас ќе можат да го искористат 121 болно лице, едно лице во куќен притвор, 19 затвореници ќе гласаат за претседател на државата, а 7 за градоначалник. Во општина Врапчиште денеска ќе можат да гласаат вкупно девет лица, од кои 4 болни и немоќни, и 5 притворени. Во Делчево и Македонска Каменица гласаат вкупно 217 болни и изнемоштени лица.

До 11 часот во идризово гласале 32 проценти од вкупно запишанита 817 затвореници. Во затворот на шутка, со право на глас се сместени 204 лица, а до 10 часот на гласање излегле 57.

Граѓаните од дијаспората и старите, болни и немоќни лица, и лицата во затвор и во притвор, ќе можат да гласаат денеска до 19 часот.