Охрид и Ново Село ќе го изберат својот градоначалник во вториот круг заедно со претседателските избори. Неважечките 103 ливчиња се причина да нема избор на градоначалник на Општина Ново Село. Во Охрид, пак, ниту еден од петтемина кандидати за градоначалници ги нема добиено потребните 50% плус еден глас за победа во прв круг.
Кандидатот за градоначалник на Општина Ново Село на ВМРО ДПМНЕ, Николчо Стоилков добил 2.753 гласови, а за кандидатот на СДСМ, Никола Андонов гласале 2.693 избирачи. Според претседателката на Општинската изборна комисија, Венера Шопова, кандидатот Стоилков не ги добил потребните 50 проценти плус еден гласови за победа во првиот круг поради неважечките ливчиња и затоа на 5 мај ќе се одржи втор изборен круг.
Во Охрид во вториот круг ќе одат двајцата кандидати со освоени најголем број гласови, а тоа се кандидатот на СДСМ Константин Георгиески и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Митре Милошевски. Кандидатот на СДСМ Георгиески вчера ја добил поддршката на 13.037 граѓани, пред противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 10.614 гласа.
Дебар е единствената од трите општини каде што се гласаше која доби градоначалник во првиот круг. Таму кандидатот на ДУИ Хекуран Дука освои 50,9 отсто од гласовите, односно 4106, додека неговиот противкандидат Арбен Аголи од Алијанса за Албанците освои 46,77 отсто од гласовите, односно 3834 гласа.
М. И.