На 9 ноември, функционерот на Алијанса за Албанците, Шефик Дураку напиша Фејсбук пост за лидерот на Левица, Апасиев, употребувајќи го зборот „паљачо“.
„Велат: Апасиев ги загрозува интересите на НАТО. Многу шегобијци сте станале. Ниту Русија и Кина не можат да ги загрозат интересите на НАТО, а не еден палјачо, немојте на ни ја навредувате интелигенцијата“, пишува Дураку во постот објавен на неговиот Фејсбук профил.
Овој став на Дураку, кој се уште стои на неговиот Фејсбук профил, беше првично пренесен од порталот на албански јазик Опинионшќип со наслов „Алијанса: Апасиев е палјачо“, но и од повеќе медиуми на македонски јазик, кои објавија дека Дураку го нарекол Апасиев „кловн“.
Но, истиот ден, на 9 ноември, порталот Нова ТВ објави содржина со наслов „Шефик Дураку: Наводната моја изјава за Апасиев дека бил Кловн, е спинувана од ДУИ“, во која се пренесува изјава на Дураку дадена за порталот.
„Моја цел со статусот беше да им укажам на спинувачите дека ни ја потценуваат интелигенцијата нашата и на граѓаните, со тоа што партијата Левица и нејзиниот претседател Апасиев ги претставуваат како толку моќни што дури можеле да и наштетат на НАТО-алијансата. ДУИ бара проблем онаму каде што го нема а целта е да се растури ова мнозинство за рушење на владата“, изјави Дураку во реакцијата за Нова ТВ.
Но, оваа реакција на Дураку не кореспондира со она што е напишано во неговиот Фејсбук статус, во кој Апасиев се споредува со палјачо што не може да му наштети на НАТО. Зборовите палјачо и кловн постојат и во албанскиот и во македонскиот јазик како синоними што означуваат засмејувачи во циркус. Оттука, нема дилема дека Дураку изрекол квалификација на сметка на пратеникот Апасиев, која потоа се обиде сам да ја демантира.
Во овој случај, потфрлиле медиумите кои очигледно не го провериле напишаното на Фејсбук статусот, а го пренесуваат демантот на Дураку за навредата кон Апасиев. Тоа е спротивно на медиумските стандарди, кои налагаат проверка на секоја информација пред нејзино објавување. За жал, некритичното пренесување на вакви тврдења па и навреди придонесуваат за деградација на јавната комуникација, која се повеќе се лишува од пристојноста и се претвора во еден вистински циркус.
—
ИСПРАВКА: Во овој прилог за г.Шефик Дураку од Алијанса за Албанците се вели дека е пратеник, што не е точно. Извршени се корекции во текстот на прилогот. Се извинуваме на читателите и г.Дураку за невниманието.
—
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети