„Не би се согласил дека ниту еден закон не се сменил. Се сменија неколку закони, но дефинитивно можеше подобро. Проблемот не го лоцирам во тоа што не се менуваат законите на големо, како што правеа претходиниците, туку го лоцирам проблемот во тоа што се ветуваше нешто што потоа не се реализираше. Не велам дека сите закони што ВМРО-ДПМНЕ ги донесе ние треба сега да ги смениме и ревидираме. Не. Туку она што е кажано да се реализира“, одговори д-р Бранимир Јовановиќ, граѓански активист и експерт за финансии, поранешен советник на екс-министерот за финансии д-р Драган Тевдовски, во завршниот дел од своето излагање на семинарот на ЦИВИЛ „Транспарентност и одговорност во политичките процеси“.
Јовановиќ со својата презентација на остварени и неостварени ветувања и реформи, со фокус на политичката одговорност, предизвика огромен интерес кај учесниците на семинарот кои имаа свои видувања, но и прашања за можните промени кон подобро.
Еден од предлозите на учесниците за можно решавање на одредени проблеми, но и лоцирање на одговорно однесување кон одредени промени, беше да се користи референдумот како алатка за притисок врз власта за да се променат работите во интерес на граѓаните. Прашањето беше дали тие можат да понудат некаков излез за било кое прашање што ги засега граѓаните.
„Референдумите се добри само во одредени ситуации. Тоа со референдумите може да има ефект за помали локални прашања, ама не можете за секоја работа да имате референдум. Тие се покажаа како добра алатка во југоистокот со рудниците, но внимавајте, од 6 референдуми, само првите 3 беа успешни. Луѓето се заситуваат од референдуми. Може да имаат одредена моќ, ама не се универзален лек…“, одговори Јовановиќ појаснувајќи дека и тој како дел од системот се обидел нешто да смени одвнатре, но она реализираното е многу малку за да ја задоволи јавноста.
„Мислам дека во оваа ситуација мислам дека некоја дополнителна активност, како референдумот, е залудна. Условите не се поволни за да се направи нешто. Јавноста е толку настрвена кон власта, толку е падната довербата, така што и да направите ќе ве критикуваат. Таква е ситуацијата што и да фрлате пари од хеликоптер, ќе ве критикуваат… Ситуацијата е таква да нема поента од некакво организирано политичко делување, мора системот да падне во тешка криза и потоа, како партизаните што правеле држава, да правиме и ние“, заклучи Јовановиќ.
Џабир Дерала, ЦИВИЛ, понуди и поинаква можност за делување, освен куферите и излез преку граница.
„Добра алатка се граѓанските иницијативи. „Крај за расипништвото“ е една таква иницијатива на ЦИВИЛ, со цел укинување на привилегиите на функционерите. Во моментот кога ја објавивме на Фејсбук, иницијативата имаше илјадници поддржувачи. Кога ја ставивме онлајн како петиција на change.org, до овој момент има над 2.500 поддржувачи. Што кажува ова? Ова зборува за едно ретерирање на граѓанките и граѓаните, кога ќе дојде моментот за одлучен чекор да се направи, одеднаш тие почнуваат да покажуваат извесни резерви. Но, ние нема да запреме тука додека не ги исцрпиме сите можности, а од септември ќе почнеме и со јавен притисок врз Собранието. Имајте предвид дека на располагање ни е алатката 10.000 потписи за промена на закон…“, потенцираше Дерала.
Дерала, во контекст на излагањето на Јовановиќ, потенцираше дека најголемата одговорност ја гледа во оние што располагаат со јавните пари.
„Мора да се внимава при донесувањето на законите. Тие треба да се носат од луѓе што имаат пракса, затоа што некои од нив убаво звучат кога ќе ги прочитаме, а во пракса се многу тешко спроведливи“, заклучи една од учесничките на семинарот.
„На оваа власт, барем за носење на закони треба да ѝ се даде признание. Во однос на претходната власт, има подобрување. Нема веќе по сто закони да се носат одеднаш, по брза постапка се носат далеку помалку. Треба време за да се спреми закон. Во поглед на тоа како треба да се пишуваат закони, еден пример од лично искуство, со спремање на законот за прогресивниот данок. Кога го спремавме ги консултиравме сите, и професори од правен факулстет, но и сметководители, луѓе што секојдневно го работат тоа во пракса. Тоа е најбезболно. Треба да се има тим во кој ќе бидат опфатени секакви профили на луѓе. Не смее да се брза со законите. Потребна е минимум година дена за спремање на целосно нов закон“, одговори Јовановиќ.
Семинарот „Граѓански објектив: Транспарентност и одговорност во политичките процеси“ е дел од истоимениот проект, финансиран од National Endowment for Democracy.
Биљана Јордановска
во соработка со Игор К. Илиевски
камера: Дехран Муратов
монтажа и фотографија: Биљана Јордановска
ЦИВИЛ во наредните денови ќе го објави и излагањата на претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
Со преземање спротивно на Условите на било која содржина објавена на ЦИВИЛ Медиа, се согласувате на ЦИВИЛ да му исплатите надоместок од 25.000 денари во рок од осум дена по преземањето на содржината. Оваа обврска не застарува, а за секое доцнење на исплатата ќе биде пресметана соодветна законска камата.
Доколку некоја содржина е потпишана со ЦИВИЛ Тим за комуникации, тогаш преземањето е дозволено во целост.
This post is also available in: English