Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски откако доби сознанија за насилството во Штип од страна на група насилници, денес остварил средба со девојчето кое беше жртва на нападот, со цел да и даде целосна поддршка како жртва на насилство од ваков вид, меѓу другото и финансиска помош.
„Денеска во мојот кабинет остварив средба со Катерина која беше цел на напад во потресното видео објавено вчера, а беше придружувана од страна на Благица Киров од НВО „Ехо“ Штип.
Општина Штип и јас како градоначалник стоиме на располагање за да го олесниме овој процес на стабилизирање и нудиме помош, меѓу другото и финансиска поддршка, но и сè друго што може да ѝ затреба во идниот период.
Стапив во контакт и со службите од Центар за социјални грижи, од каде добив позитивен повратен одговор за соработка и одлучност сите заеднички да ѝ овозможиме да го надмине овој хорор што нè згрози и потресе.
Апелирам до сите граѓани да покажат висока свест и да се воздржат од коментари со кои вршат двојно виктимизирање.
Од сите нас зависи залекувањето на раните, и буквални, и фигуративни, од грозоморниот настан кој вчера го посведочивме.
Со нашата одлучност, многу разбирање и институционална поддршка да овозможиме Катерина да го надмине овој тежок период, а со позитивна промена на начините на изразување, говор и однесување да придонесеме вакви немили настани повеќе да не се случуваат.“ соопшти Бочварски.