(Извештај од активностите, Ние сме медиумите, 2.дел)
Проектот „Граѓански објектов“ допре до огромен број луѓе, надминувајќи ги сите наши очекувања. ЦИВИЛ продолжи да обезбедува поддршка и обука за граѓанките и граѓаните заинтересирани за граѓанско новинарство.
Одржавме повеќе семинари и работилници отколку што планиравме, со повеќе учесници отколку што предвидовме. Организиравме седум регионални семинари, и тоа во Битола, Велес, Струмица, Струга, Штип и Скопје, со вкупно 177 учесници. На заинтересираните граѓан(к)и што не успеаја да присуствуваат на семинарите им беше дадена можност да присуствуваат на еднодневни работилници. Одржавме шест работилници за 6-10 учесници во Велес, Битола, Тетово, Штип, Гостивар и Кавадарци, со вкупно 51 учесник. Покрај предавањата и работилниците спроведени од тимот на ЦИВИЛ (Џабир Дерала, Синиша Станковиќ, Маја Ивановска, Биљана Јордановска, Дехран Муратов, Ермин Климента, Моника Талеска, Петрит Сарачини, Марија Теговска и неколку други), наградени граѓански новинари и активисти од различни делови од земјата, кои доаѓаат од различни заедници, исто така, одржаа презентации, споделувајќи го нивното сопствено искуство за граѓанско новинарство. Врвни експерти, како што се Сашо Орданоски, експерт за комуникации и политички аналитичар, Александар Новакоски, правен експерт, Петрит Сарачини, експерт за медиуми, како и реномирани професионални новинари и сниматели обезбедија стручна поддршка за збогатување на програмата за обуки на ЦИВИЛ.
Програмата за обука со семинари и работилници вклучуваше вовед во основите на изборниот систем, на човековите права и слободи, видеоактивизмот, граѓанското новинарство, пишувањето вести и практичната работа на терен. Понатаму, на семинарите и работилниците во детали зборувавме за вредностите и етиката, исцртувајќи линии меѓу сензационализмот и точното, непристрасно, професионално и етичко известување. Погодивте, не секогаш беше лесно да се одржи објективноста во земја каде што демонстрантите што бараат правда и човекови права беа, всушност, соочени со силно вооружени и милитаризирани полициски сили. Сепак, на граѓанските новинарки и новинари и активисти обучени преку проектот им беше кажано строго да ги следат принципите на неутралност, да презентираат исклучиво факти, како и да се воздржуваат од коментари во известувањето. Во спротивно, пристрасните содржини автоматски беа одбивани и не се објавуваа на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Во рамките на проектите за мониторинг на предвремените парламентарни избори, ЦИВИЛ обучи 300 набљудувачи. Сите беа накратко запознаени со проектот „Граѓански објектив“ и со граѓанското новинарство. Со други зборови, овој проект стана дел од поширокиот систем на техники и методологии на ЦИВИЛ. Прилозите на граѓанските новинари беа темелно разгледани од страна на проектниот тим на ЦИВИЛ, во процес во кој, за жал, многу од нив не беа земени предвид, поради тоа што не ги исполнуваа критериумите на проектот. Ние не сме строги кога се работи за квалитетот на снимањето, но секако сме строги кога зборуваме за содржини и пораки. Сите материјали што ги исполнија критериумите на проектот и влегоа во конкуренција ја поминаа процедурата за конзистентност и верификација на фактите, од кои повеќето беа проверени на терен од тимот на ЦИВИЛ.
Избраните материјали беа детално разгледани од тричлена комисија, која носи одлука за петте победнички прилози во двомесечен награден циклус. Повеќето од наградените прилози од граѓанските новинар(к)и беа влијателни и предизвикаа позитивни реакции на поддршка од јавноста и институциите. Повеќето успешни видеозаписи и извештаи беа објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ, вклучувајќи ги и порталите за вести www.civilmedia.mk (на македонски јазик), www.drejt.mk (на албански јазик), како и на веб-страницата на проектот www.clp.mk (ЦЛП е кратенка за проектот „Граѓански објектив“, а веб-страницата се објавува на три јазици: македонски, албански и англиски).
Проектниот тим и поддржувачите на ЦИВИЛ се мошне активни онлајн, главно преку Фејсбук страниците на CIVIL. MK и CITIZEN.JOURNALISTS.MK, но исто така и на Твитер и други онлајн-канали. За секој настан (семинар, доделување награди, јавни повици, итн.) претходно се креираше Фејсбук настан, е-банер и други онлајн-содржини. Сите одобрени видеосодржини се поставени на YouTube каналот CIVIL.MACEDONIA на ЦИВИЛ, или на Soundcloud аудиоканалот CIVILRADIOMK. Неодамна е лансирана нова веб страна за објавување Семинар за граѓанско новинарство во Битола 36 Доделување награди за граѓанско новинарство 37 на видео и аудио содржини, што претставува нов медиум што ќе ја зголеми видливоста и на прилозите на граѓанските новинарки и новинари: www.rtvcivil.mk.
Сето ова беше создадено за да се обезбедат услови и безбеден простор за граѓанските новинар(к)и, но и за професионалци, на кои ќе им се овозможи да го реализираат правото на изразување и слободата на медиумите во земјата. Друго, мошне битно, постигнување на проектот е фактот што многу други медиуми во земјата постојано цитираат или повторно објавуваат медиумски содржини и информации поврзани со проектот. Национални телевизии, весници, и интернет медиуми редовно присуствуваат на доделувањата на награди што ги организира ЦИВИЛ, или едноставно ги споделуваат нашите медиумски содржини на нивните канали. Конечно, ЦИВИЛ обезбеди обуки, награди и безбеден простор, а за возврат, граѓанските новинар(к)и обезбедија креативна сила за професионалниот тим на ЦИВИЛ. Многу стории што се објавени се, всушност, засновани врз информации од граѓански новинар(к)и.
Истражувањата и истражувачките извештаи често се инспирирани од активностите на граѓанските новинар(к)и во одредена област. Ние не можеме да бидеме присутни насекаде, без разлика колку и да сме мобилни. Активните граѓан(к)и со паметен телефон во нивните раце се тие што го обезбедуваат импулсот за општествено одговорните медиумски професионалци.
This post is also available in: English