Иако пред еден месец ЦИВИЛ ја разобличи лажната вест дека Владата ќе потроши 1,5 милиони евра за купување на наводни 5 џипа мерцедес, сепак проф. д-р Зоран Гучев пред три дена во вестите на ТВ Сител продолжи да манипулира со јавноста и да ја шири таа лажна вест. Тој направи споредба дека Владата штеди на купување на вакцини против Ковид-19, додека од друга страна ќе се „подновува со нови мерцедеси“.
„Зборуваме за тој тип на штедење, истовремено го иритира нашиот народ и нашите граѓани некои работи што се случуваат, пред месец дена наидов на оглас во кој се вели дека за потребите на владата ќе се купат 5 џипа мерцедес во висина од 1,5 милиони евра. Дали е вистина не знам, меѓутоа оглас видов“, изјави д-р Гучев.
Од Владата пред еден месец (на 29 јануари 2021) истакнаа дека се работи за лажна вест и фотомонтажа.
„Ова е #ЛажнаВест. Владата никогаш не објавила ниту склучила договор за ваква јавна набавка. Податокот е лесно проверлив на веб страната на Бирото за јавни набавки. Станува збор за целосна фотомонтажа“, објави потрпаролот на владата на Твитер. Oваа лажна вест ја сподели и Миленко Неделковски, кој не пропушти можност да напише „Пак да си ги гласате“.
Дека се работи за лажна вест и фотомонтажа проверивме на google и потврдивме дека нема никаква вест со наслов: „Пет џипови Мерцедес Г-класа вредни 1,5 милиони евра за потребите на владата“, ниту најдовме „оглас“ како што тврди д-р Гучев.ЦИВИЛ откако ја разобличи лажната вест, профилот „Приказни од булеварот“ на својот Фејсбук профил ја избриша лажната вест и објави дека е „ненамерна“ грешка, ама…
Очигледно намерата на оваа (веќе избришана) лажна вест или „оглас“ е граѓаните да изгубат довербата во Владата и институциите.
Д.М.