На Меѓународниот ден на човековите права, ЦИВИЛ испраќа јасна и недвосмислена порака до институциите дека човековите права и слободи се нивна прва и најголема обврска. На овој ден, како и секој друг ден во годината, повикуваме на акција и вклучување на сите граѓанки и граѓани во одбрана на човековите права и слободи во духот на солидарноста и почитувањето.
Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човекови права во Париз, на 10 декември 1948 година. Декларацијата произлезе од мрачното искуство во Втората светска војна и потребата за заштита на основните права на човекот. Првиот член на Декларацијата „сите луѓе се раѓаат слободни и рамноправни во достоинството и правата“ ги гарантира правата и слободите на секој човек на оваа планета. Со самото раѓање, секој се стекнува со сите права опишани во Декларацијата.
Во име на слободата и бескомпромисната борба за човековите права, а по повод Меѓународниот ден на човековите права, ЦИВИЛ организира Фестивал на слободата, во Музејот на Град Скопје, од 17:30 до 23 часот. Со ова издание на Фестивалот, воедно, се одбележуваат и 20 години од основањето на ЦИВИЛ, организација на граѓанското општество чија бескомпромисна борба за човекови права и слободи ја направи една од највидливите во Република Северна Македонија.
Сите граѓанки и граѓани се добредојдени да го одбележат Меѓународниот ден на човековите права, заеднички, во активистички дух, да испратиме силна порака за почитување на човековите права и слободи, секаде и без исклучок.
ЦИВИЛ тим за комуникации