Заловени улични кучиња се исфрлуваат во околината на Маврово!

Граѓански новинар испрати до ЦИВИЛ фотографии на кучиња исфрлени во околината на Маврово, со текст во кој се вели: „Ситуацијата е критична, според неофицијални информации, кучињата се донесени од други градови со комбиња, во организација на општинските власти“

Според граѓанскиот новинар кој сакаше да остане анонимен, наводно, одделни активисти кои помагале за да се обезбеди храна и ги хранеле кучињата, му рекле дека лица од рестораните во околината, ги труеле кучињата!

 

„Кучињата се гладни и болни, има ризик да бидат нападнати од волци кои живеат во планинава... Надлежните институции мора да реагираат и да ги најдат тие што ги фрлат кучињата тука“, пишува граѓанскиот новинар. Тој потсетува на охридскиот пример, од каде кучињата со возило на општинската комунална служба беа дислоцирани на депонијата во Буково.

Граѓанскиот новинар контактирал со активисти, љубители на животните, кои во соработка со граѓанската иницијатива „Кане Корзо“, заминале на терен за да ги хранат кучињата и да им дадат соодветна терапија. Според договорот, активистите ќе одат на терен два пати неделно, сè додека кучињата не се вдомат.

„Се залагаме да ги сместиме некаде каде што нема да бидат на отворено. Но, сами не можеме, потребни сте ни сите вие, за со заеднички сили да им помогнеме и овозможиме на кучињата - редовна храна, сместување или ветеринарна терапија, доколку за некое има потреба", велат членовите на „Кане Корзо“.

Тие посочуваат дека секоја помош и донација е добредојдена, од храна и лекарски третман, преку превоз и привремено сместување, до вдомување...

This post is also available in: English