Во немилост на изборите

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, уште сега најави дека се сомнева во злоупотреби за време на изборната камапања. Поточно неговата изјава дека во овој период пратениците се наклонети кон злоупотреби па затоа нема да закаже собраниска седница за време на претседателската кампања дури и да се договорат партиите за СЈО. Што се однесува до Џафери, СЈО може да чека и до 6 мај.

Џафери нема проблем и да биде привремен претседател доколку не се постигне цензусот во вториот круг. Сепак, како фин џентлмен и во манирите на она то го налага законот, Џафери порача, во интерес на државата, со потсетување дека и за ЕУ се работи, сите учесници во изборната трка, вклучително и политичките партии и граѓанките и граѓаните. Институциите и надлежните органи во спроведување на претседателските избори  беа испуштени во неговиот апел. Нели, тие се безгрешни?

Сериозно или не, Џафери во апелот се повика на интелектуалниот кредибилитет на политичките субјекти што директно учествуваат во претседателските избори: „со интелектуалниот пристап кон граѓаните да придонесат изборите да бидат што поприфатливи за сите, односно кампањата да не добие негативна конотација“.

Во немилост остануваат и законите што ги врати сегашниот претседател Ѓорѓи Иванов, а кои поминаа и по втор пат низ собраниска процедура. Нив ќе ги потпишува идниот претседател. А дали ќе бидат потпишани или не, многу ќе зависи од тоа кој ќе победи на изборната трка.

ВМРО-ДПМНЕ уште сега ги направија калкулациите за рејтингот на нивната кандидатка за претседателка Гордана Силјановска Давкова. Како што извести „Дојче Веле“ нивните калкулации се со 15% предност на Силјановска пред кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски. Блерим Река, како независен кандидат поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, не се ни спомнува. Најверојатно опозицијата и власта подоцна  ќе калкулираат кај кого ќе завршат неговите гласови.

ВМРО-ДПМНЕ проценува дека излезноста и во првиот круг ќе биде доволна, 50 до 55 проценти, или меѓу 900.000 и 1 милон гласачи.

СДСМ, пак, според сопствените калкулации тврди дека Пендаровски е во предност наспроти Силјановска. Нивните анкети покажуваат дека Пендаровски води со 8 до 10%, а дека во вториот круг ќе излезе со позитивна разлика од 90.000 гласачи. Нивните истражувања го вклучуваат и третиот кандидат за претседател, Блерим Река, односно неговото гласачко тело.  Резлутатите покажале дека гласачите на Река во најголем дел би гласале за Пендаровски, а остантите би апстинирале.

Со оглед дека останува секогаш отворено прашањето од каде и како се финансираат политчките кампањи, начинот на прибирање средства и нивното трошење ќе се следар будно, особено по најавите на Државната комисија за спречување корупција. ВМРО-ДПМНЕ веќе има отворена трансакциска сметка и упати јавен повик за донирање. СДСМ сè уште нема отворено сметка како партија, но лицето Бранко Ѓеорѓиевски во име на 32.000 потписници и поддржувачи на кандидатурата на Стево Пендаровски.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пак, се пожали дека промените во изборниот законик по скратена постапка што се донесоа пред пет дена дополнително создале конфузија во контекст на платеното политичко рекламирање. Агенцијата апелира, по завршување на изборите да се отвори широка дебата со сите релевантни страни за измени на Изборниот законик.

Б. Јордановска