Тетово: „Дупки“ во ветувањата и дупки на улиците

И покрај ветувањата на локалните власти дека улиците во Тетово ќе бидат санирани, тетовчани и понатаму се во исчекување. Дури и реконструкцијата на неколку мали улици трае со месеци и се одвива парцијално. Таков е примерот со улицата „Иво Рибар Лола“ за чие реконструирање се потребни повеќе од 12 месеци

Градоначалничката Теута Арифи, пред една година, на 12 септември 2015 година, најави целосно асфалтирање и поставување на атмосферска канализација во должина од 300 метри, широчината на улицата требаше да изнесува 6 метри, а тротоарот 3 метри. Оваа инвестиција, како што беше најавено, требаше да изнесува 10 милиони денари.

На видеото што минатата недела го направи граѓански новинар кој сака да остане анонимен, на тетовската улица „Иво Рибар Лола“ можат да се забележат нереконструирани делови и дупки, кои претставуваат пречка за одвивање на нормален сообраќај. За време и на помал дожд, оваа улица е поплавена.

На новиот асфалт кој беше поставен се видливи оштетувања, иако официјално улицата се уште не е довршена.

Ситуацијата со локалните патишта е полоша од кога и да е, велат тетовчани. Тоа може да се забележи и од видеото и фотографиите направени на улиците „Никола Тесла“, „Бане Стерафоски“, „Јордан Златановски“ и „Борис Кидрич“.

Според тетовчани, освен воведувањето на зонското паркирање, нема никакви активности за подобрување на инфраструктурата во градот.

 

[huge_it_gallery id="12"]

 


 

Оваа содржина се објавува во рамките на септемврискиот civiv-lenses-logo-en-copy-500x414 циклус од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот Граѓански објективна ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.