ЦИВИЛ продолжува со мониторинг на говорот на омразата и лажните вести и ги повикува институциите да профункционираат

Говорот на омразата и лажните вести се дел од долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ. Секојдневно, на адреса на организацијата пристигнуваат голем број пораки во кои граѓанките и граѓаните известуваат за низа различни проблеми, кршење на човековите права, дискриминација, лажни вести и говор на омраза. Во екот на политичките кампањи за претседателските избори, говорот на омразата и лажните вести се сѐ поприсутни во јавниот дискурс.

Долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ ги опфаќа овие појави во пресрет на сите изборни процеси. Дел од мониторинг тимот се занимава со говорот на омразата и лажните вести подолго време и прибира информации за дејствувањето на овие деструктивни групи, ги архивира податоците присутни во медиумите и на социјалните мрежи и повремено објавува извештаи, анализи и препораки од своите наоди. Со оглед на ограничените ресурси со кои располага организацијата, во оваа активност, најдрагоцена е помошта од граѓанките и граѓаните.

Благодарение на високата доверба што ЦИВИЛ ја ужива во јавноста и кај граѓан(к)ите, секојдневно, на адреса на организацијата пристигнуваат голем број информации за говор на омраза и лажни вести.

ЦИВИЛ го обновува повикот до сите свесни и совесни граѓанки и граѓани да пријавуваат случаи на говор на омраза и лажни вести. Јавното експонирање и осудата на носителите и „производителите“ на говорот на омразата и лажните вести и нивното јавно обелоденување е ефективен начин на разобличување на оваа грда општествена појава. Особено во отсуство на соодветна реакција од релевантните институции, важно е јавноста да се организира и да се одбрани од оваа деструктивна појава.

ЦИВИЛ констатира дека дел од правосудството ги продолжува старите практики од времето на заробената држава. Го повикуваме Јавното обвинителство да постапи според своите законски овластувања и обврски и да постапува по пријавите од Министерството, како и по допрен глас. ЦИВИЛ ги повикува и судиите, да ги напуштат старите практики и да судат според законот и според тежината на штетите кои ги предизвикуваат говорот на омразата и лажните вести.

Говорот на омразата и лажните вести во ЦИВИЛ може да се пријават и анонимно. Важно е да се направи скриншот од постовите и коментарите што содржат говор на омраза и лажни вести, како и линковите од тие содржини, односно од нивните автор(к)и. Пријавувањето на говорот на омразата и лажните вести, како и за сите останати нерегуларности, е возможно и преку онлајн апликацијата на веб страницата Слободни избори, доколку се работи за изборен контекст. Во поширок контекст, пријавувањето може да се направи со испраќање на Фејсбук порака на ЦИВИЛ или преку е-пошта: [email protected].

Коментари и постови со говор на омраза на социјалните мрежи и во медиумите може да се пријават и во МВР. На веб страницата на МВР постои Црвено копче на кое може да се пријави злоупотреба на деца, трговија со луѓе и криминал од омраза и повикување на насилство.

На располагање на совесните граѓанки и граѓани е и мејл адресата [email protected] на која може да се пријавува говорот на омразата. Во пријавата, треба да се наведе име на корисникот и линк до интернет содржината.

ЦИВИЛ Тим за комуникација