ЦИВИЛ ќе одржи дводневен семинар за граѓанско новинарство во Штип

ЦИВИЛ на 23 и 24  март во Штип организира уште еден голем семинар за граѓанско новинарство. Дводневниот семинар за граѓанско новинарство ќе опфати теми што ќе им помогнат на сите идни граѓански новинарки и новинари да изградат вештини и да стекнат практични знаења од областа на новинарството, објективното и навременото информирање и известување, како и за придобивките на модерните технологии и комуникациски платформи.

Учесниците ќе можат да се запознаат и со нови компоненти на проектот, преку кои е олеснето директното учество на сите заинтересирани во имплементацијата на проектот, дел од тимовите на медиумската платформа или во работата на ЦИВИЛ како организација, воопшто.

Од искуството на организацијата, познато е дека голем број членови на проектните тимови прво биле посетител(к)и на овие семинари. Како пример може да се посочи последното доделување на награди за граѓанско новинарство, каде учесниците на исклучително успешниот регионален семинар во Велес (февруари 2019) добија две од петте награди (прва и четврта).

#ГраѓанскиОбјектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа и за долгорочниот мониторинг на состојбата на човековите права и изборните процеси. Овој проект веќе четврта година придонесува кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.