ЦИВИЛ и МВР на работна средба за соработка во текот на изборниот процес

Тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска се сретна со Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како дел од серијата средби што организацијата ги има со релевантни институции и организации на тема претседателски избори.

Ингеренциите на МВР за време на изборите остануваат исти, како што се пропишани со законот. Она што МВР го константира досега е дека атмосферата е мирна и ние ќе се погрижиме така и да остане. Безбедноста е на прво место, во заштита на граѓаните во остварување на нивното гласачко право“ – истакна министерот Спасовски за време на средбата.

Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ го запозна министерот со методологијата на организацијата за мониторинг на изборите потенцирајќи ја претходната успешна сорабтока со Министерството.

„Ние, како организација за човекови права, и досега имавме одлична соработка со МВР, како за време на предвремените парламентарни избори, така и за време на за локалните избори и референдумот. Нашите набљудувачи, кои оваа година ќе бидат над 140, во минатото пријавија изборни нерегуларности на кои министерството навремено реагирало“ – нагласи Дерала.

Тимот на ЦИВИЛ и Министерот Спасовски се согласија дека е суштински важно да имаме безбеден и законит изборен процес во кој ќе бидат заштитени првенствено граѓанките и граѓаните, како внатре во избирачкото место, така и надвор од него. Искуствоото покажува, нагласија претставниците на ЦИВИЛ, дека најголем дел од заканите, притисоците, поткупот, па и говорот на омраза се случуваат токму надвор од избирачките места.

Министерот Спасовски, во однос на говорот на омраза и лажните вести во изборен контекст, истакна дека интензивно и ефикасно работат на нивно превенирање и санкционирање.

Досега ЦИВИЛ имаше средби и со Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, Претседателката Билјана Ивановска и со членовите на ДКСК, со АВМУ и други истакнати ексерти и политички аналитичари. По средбите меѓу одговорните во овие институции, тимот на ЦИВИЛ Медиа вообичаено прави и интервју што се објавува на медиумската платформа на ЦИВИЛ. Интервјуто со Министерот Спасовски ќе биде објавено во текот на наредните денови.

Текст и фотографија: Биљана Јордановска