ЦИВИЛ и министерот Манчевски разговараа за претстојните избори

Дел од тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска се сретна со Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на која тема за разговор беа претстојните претседателски избори. Оваа средба е уште една во серијата средби на тимот на ЦИВИЛ со релевантни институции и организации чија функција е поврзана со изборните процеси. Прва таква средба беше со Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, по што следеа средбите со членовите на ДКСК и Претседателката Билјана Ивановска, директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски.

„Финансирањето на партиите ќе биде транспарентно и нема да има простор за манипулација. Ќе има една сметка и сите надлежни органи ќе имаат увид“ - рече Манчевски.

Дамјан Манчевски - Џабир Дерала (8 март 2019)

„Предмет на наш интерес се финансирањето на политичките партии и изборни кампањи, изборните измамнички практики и сите коруптивни елементи што го следат изборниот процес. Нашите набљудувачи овие состојби ги следат долгорочно, но особено интензивно од моментот на распишување на изборите, сѐ до денот на гласањето, но и во постизборниот период“, истакна Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ на средбата.

Манчевски додаде дека во текот на Референдумот имаше само 2 или 3 пријави за притисок во администрацијата. Тој нагласи дека е подготвен на максимална соработка со невладините организации кои ги следат изборите. По работните средби со своите соговорнички и соговорници, тимот на ЦИВИЛ МЕДИА вообичаено прави и видео интервју што се објавува на медиумската платформа на организацијата. Интервјуто со министерот Манчевски ќе биде објавено во текот на викендот.

Д. Муратов