ЦИВИЛ Фест со богата програма во чест на човековите права и активизмот

Мултимедијални изложби и презентации, перформанси, работилници, видео проекции, концертни и диџејски настапи се на програмата на ЦИВИЛ ФЕСТ, на 10 и 11 декември, во Младински културен центар во Скопје. Фестивалскиот слоган е „Слобода, правда, еднаквост“ и се организира по повод Меѓународниот ден на човековите права и 70-годишнината од Универзалната декларација за човекови права, а посветен е на граѓанското новинарство и активизмот.

Програмата на ЦИВИЛ ФЕСТ започнува на 10 декември, со воведна панел дискусија „Слобода, правда, еднаквост“ во 13 часот. Веднаш потоа ќе се отвори изложба на фотографии во 14 часот со стотици авторски фотографии, за потоа да следат и отворања на повеќе други сегменти од овој мултимедијален хепенинг. „Кулите на граѓанското општество“ е називот на просторот на посветен на граѓанските организации што ќе се претстават пред публиката со видео и печатени материјали. На програмата се и видео проекции од продукцијата на ЦИВИЛ Медиа, како и видео записи од активностите на ЦИВИЛ во текот на целиот дводневен хепенинг.

На ЦИВИЛ ФЕСТ ќе има и многу музика. ЦИВИЛ отсекогаш ја поддржувал алтернативната музичка сцена, која најчесто е неправедно игнорирана од комерцијалните медиуми. Со овој настан, помладите музичари ќе имаат можност да го претстават своето музичко творештво и на некоја „понова“ музичка публика. Бендови и диџејски настапи ќе има во текот на целата програма, за што јавноста ќе биде посебно информирана деновиве.

Граѓанското новинарство и активизмот го менуваат светот, посветено и храбро, тие ги разобличуваат коруптивните и насилничките автократски режими ширум светот и повикуваат на демократски промени за кои ЦИВИЛ им дава особено значење. Затоа, ќе се одржи и церемонија за доделување на награди за граѓанско новинарство, на најактивните граѓански активисти кои редовно испраќаат разни фотографии и видеа до ЦИВИЛ. Во пресрет на ЦИВИЛ ФЕСТ, граѓанските новинарки и новинари се повикани да испраќаат свои прилози што ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ и ќе добијат можност да бидат добитници на вредни награди.

„Деновите до „ЦИВИЛ ФЕСТ“ се одбројуваат, бидете дел од едно поинакво искуство, придружете се!“ – повикуваат организаторите од ЦИВИЛ.

Фестивалот е дел од проектот „Граѓански објектив, посветен на транспарентни и одговорни политички процеси, преку граѓанско новинарство и активизам, што ЦИВИЛ го спроведува од октомври 2015 година, со поддршка на National Endowment for Democracy. ЦИВИЛ деновиве прослави 19 години од своето основање.

А. Петровска