ЦИВИЛ бележи голем број случаи на кршење на изборниот молк

Лидер на една маргинална политичка партија, во изборен молк, повикува на бојкот… Вработен во МРТВ, фејсбук страници на одделни формални и неформални политички групации, активисти на политички партии и низа други, агресивно го кршат изборниот молк. Од полноќ, кога стапи во сила изборниот молк, ЦИВИЛ бележи преку 30 случаи на кршење на изборниот молк, меѓу кои и случај во кој сторител е и една поголема политичка партија, како и една помала. Црната кампања е присутна и за време на изборниот молк, како и агитирањето на социјалните медиуми.

Дел од интернет порталите, исто така, не се придржуваат кон изборниот молк и објавуваат манипулативни содржини и текстови што ги содржат имињата на политичките партии и нивните кандидати за претседател.

ЦИВИЛ повеќе пати ги повика политичките структури во Република Северна Македонија да го почитуваат Изборниот законик, а со тоа и изборниот молк. Институциите се повикани да ги регистрираат овие случаи и да реагираат соодветно на своите законски ингеренции.

Граѓанките и граѓаните имаат право да бидат оставени на мира да донесат информиран избор и да гласаат според сопствена волја. Сите пријави од мониторингот на ЦИВИЛ и од граѓанките и граѓаните, ќе бидат достапни на институциите доколку решат да ги процесираат, како што налагаат законите.

ЦИВИЛ ги повика граѓанките и граѓаните да пријавуваат нерегуларности и со тоа да придонесат кон одржување слободни, фер и демократски изборен процес.

ЦИВИЛ Тим за комуникации