Три часа чисти емоции

Man In A Suit, Tonal и Basic Trio настапија на вториот ден на ЦИВИЛ Фест, фестивал одржан по повод Меѓународниот ден за човекови права и 70-годишнината од Универзалната декларација за човекови права, на 10 и 11 декември во МКЦ.

Man In A Suit се оформени во 2017 година, брои  пет члена, од кои Дарио на тапани, Теодор на бас, Кирил на сакс, Филип на гитара и Дарко со вокал и гитара. Својот звук тие го опишуваат како меланхоличен, широк и урбан.

Во разговор пред настапот, Дарко вели дека човекот како општествено суштество кое не може да живее сам во шума, за да може да преживее потребно е да ги има основните човекови права и тие му обезбедуваат нормално да функционира во едно општество.

„Потребни му се да ги има оние основни права за да преживее и да може да се развива во нормална единка што ќе придонесува за подобро општество“, додава Дарко.

Man In a Suit настапија со Tonal како гостин-вокал на една песна, преработка на познатата „You look like rain“ на Morphine. Морам да признаам дека заедно звучат како некој светски познат бенд, не дека јас лично ги преферирам од нашата алтернативна сцена, туку навистина можеше да се почувствува тоа.

Дарио, тапанарот на бендот, вели дека улогата на уметникот е да им го понуди на индивидуите во едно општество она што го немаат во самите себе.

„Мислам дека уметноста ни го дава она што треба да го пронајдеме и да го дополниме она што ни недостасува за да функционираме нормално во едно општество“, додава Дарио.

Basic Trio е исто нов бенд, постои од 2017 година, и имаат остварено повеќе настапи низ Скопје. Бендот има тројца членови, од кои Марко на тапани, Оливер на гитара и Дарко на бас. Од овој бенд имате можност да ги слушнете најпопуларните џез композиции создадени од великаните како Thelonious Monk, Dizzy Gillespie, Sonny Rollins, Miles Davis и многу други.

Марко вели дека улогата на уметникот е да го одржи општеството во негова најдобра форма и изглед, со неговите ставови и творби, од сите аспекти.

„Јас би рекол дека улогата на уметникот во општеството е резултат на улогата на општеството во уметникот. Круг.“, додава Марко.

Tonal е добро познат на алтернативната сцена, и е еден многу квалитетен музичар, кој сам работи на својата музика.

„Би го парафразирал Шекспир кој преку еден говор на Хамлет посочува дека артистот треба да претставува огледало на природата, односно општеството. Секој кој застанува на сцена, без разлика дали е свесен за тоа, во тој момент е пред поголем или помал аудиториум кој е сочинет од единки кои делуваат и се присутни во општеството. Сакам кога луѓето се препуштаат на емоциите и енергијата во просторот за потоа ескапистички да размислуваат за импактот на одредена песна, албум или настап. Одговорноста е иста како и во секоја друга професија, твое е да го обработиш својот дел на највисоко можно ниво“, вели Тонал.

Ангела Петровска
Фотографии: Биљана Јордановска
Монтажа: Ариан Мехмети
Камера: Атанас Петровски/Дехран Муратов/Џабир Дерала