Станете потенцијален добитник на една од наградите за граѓанско новинарство

ЦИВИЛ ги повика сите заинтересирани да учествуваат во проектот #ГраѓанскиОбјектив и да станат дел од големото семејство на граѓански новинарки и новинари ширум светот кои со своите прилози го менуваат општеството. Со секое објавено видео или фотографија на темите: кршење на човековите права и слободи, злоупотреба, неправда, корупција, говор на омраза и лажни вести, граѓаните придонесуваат кон поодговорни и потранспарентни институции.

Кога се работи за ЦИВИЛ, освен што имаат простор за објавување без цензура, граѓанските новинар(к)и воедно, стануваат потенцијални добитници на една од петте вредни награди за граѓанско новинарство, кои ЦИВИЛ ги доделува секои два месеци. Учеството може да биде и анонимно.

„Следното доделување на наградите е на 30 мај (четврток) во Менада во Старата чаршија. Краен рок за испраќање прилози со фото или видео сторија е до 19 мај (среда), 17 часот. Прилозите пристигнати по тој датум ќе бидат земени предвид за награда во последниот циклус награди за оваа година. Затоа, побрзајте!“ - соопштува тимот за имплементација на проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ.

Покрај горенаведените теми може да се испраќаат и видео прилози за иницијативата #БарамОдговор. Идејата на оваа иницијатива е, преку видео или селфи видео, граѓанките и граѓаните да постават прашање до политичар/политичарка, јавна личност или институција, а снимката ЦИВИЛ ќе ја објави на своите онлајн канали. Доколку прашањето е провокативно или едноставно, граѓан(к)ите сакаат да останат анонимни, оставена е опција да се снима објект или некоја ситуација, додека се поставува прашањето.

Граѓански објектив е проект на ЦИВИЛ кој веќе четврта година им отвора можност на граѓанките и граѓаните да ги објавуваат своите стории слободно и без цензура. Проектот е финансиран од National Endowment for Democracy.

This post is also available in: AlbanianEnglish