Со голема граѓанска поддршка, ЦИВИЛ продолжува со мониторинг на говорот на омразата и лажните вести

Соопштение на ЦИВИЛ, 23/2/2019

Говорот на омразата и лажните вести во екот на политичките кампањи за претседателските избори се сѐ поприсутни во јавниот дискурс. Тие се најчесто средство со кое се служат дел од политичките партии и структури што ги поддржуваат.

Долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ ги опфаќа овие појави во пресрет на сите изборни процеси. Дел од мониторинг тимот се занимава со говорот на омразата и лажните вести подолго време и прибира информации за дејствувањето на овие деструктивни групи, ги архивира податоците присутни во медиумите и на социјалните мрежи и повремено објавува извештаи, анализи и препораки од своите наоди. Со оглед на ограничените ресурси со кои располага организацијата, во оваа активност, најдрагоцена е помошта од граѓанките и граѓаните.

Благодарение на високата доверба што ЦИВИЛ ја ужива во јавноста и кај граѓан(к)ите, секојдневно, на адреса на организацијата пристигнуваат голем број информации за говор на омраза и лажни вести.

ЦИВИЛ ги повикува сите свесни и совесни граѓанки и граѓани да пријавуваат случаи на говор на омраза и лажни вести. Јавното експонирање и осудата на носителите и „производителите“ на говорот на омразата и лажните вести и нивното јавно обелоденување е ефективен начин на разобличување на оваа грда општествена појава. Особено во отсуство на соодветна реакција од релевантните институции, важно е јавноста да се организира и да се одбрани од оваа деструктивна појава.

Говорот на омразата и лажните вести во ЦИВИЛ може да се пријават и анонимно. Важно е да се направи скриншот од постовите и коментарите што содржат говор на омраза и лажни вести, како и линковите од тие содржини, односно од нивните автор(к)и. Пријавувањето на говорот на омразата и лажните вести, како и за сите останати нерегуларности, е возможно и преку онлајн апликацијата на веб страницата Слободни избори, доколку се работи за изборен контекст. Во поширок контекст, пријавувањето може да се направи со испраќање на Фејсбук порака на ЦИВИЛ или преку е-пошта: [email protected].

ЦИВИЛ Тим за комуникација