Со домовите срушена и надежта на бездомниците

Багери, полиција, прашина, извалкани и преплашени деца и нерзозни граѓани затекнавме на местото каде што Општина Центар, со асистенција на МВР, утринава започна со извршување на решението на инспекциските служби за отстранување на дивоградбите, но и на диво поставената населба во „Урбан парк“ во Скопје. За оваа акција, екипата на ЦИВИЛ Медиа дозна од дојавата на граѓански новинар.

„Тука живеевме околу 10 фамилии веќе две години. Сега ни го срушија живеалиштето и нема каде да одиме, државата не остави на улица. Тука живееме и преживуваме собирајќи пластични шишиња и железо“, вели една жителка на тоа импровизирано диво маало.

На прашањето дали им понудија да ги сместат во прифатниот центар „Чичино село“, тие одговорија дека имаа таква понуда но дека одбиваат да одат таму.

„Не можеме ние таму да живееме, бидејќи условите не се добри. Слушнавме од пријатели кои веќе беа таму сместени дека им се злоставуваат девојчињата и ние одбивме да одиме во тој центар“, вели еден граѓанин кој со семејството живеел во паркот.

„Во Чичино село има многу тврдоглави луѓе, а и ние сме твроглави и нема да се согласуваме“, додава друг.

Во дивоизградените куќи во „Урбан парк“ има десетина деца од кои едното има епилепсија. Неговата мајка вели дека нема услови да го чува, а нема ниту лекарства.

„Со ова дете сега сме оставени на улица и не примам никаква помош од државата за негово лечење“, додава мајката. Друга граѓанка додава - Од државата добиваме само полиција за да ги тепаат Ромите“.

Помеѓу жителите на тоа импровизирано маало има и лица кои немаат лична идентификација. Таков е случајот со еден граѓанин кој пред камерата на ЦИВИЛ Медиа се пожалил дека има 40 години и дека нема никаков документ, освен една легитимација од Црвен Крст.

„Осум години по улици спијам. Кога е зима ме примаат во пункт, а кога е лето ме фрлаат надвор. Прашувам кај да одам јас, каде... Ние не сме криви, не е крив ниту Амди Бајрам, туку крива е државата бидејќи нема ред. Вечерва каде да одам со мојата фамилија? Никого не го интересира дали си внатре или си надвор“, додава тој.

Од општината тврдат дека изминатиот месец разговарале со лицата кои беа сместени во паркот и им било посочено дека ќе мора да го напуштат тоа живеалиште. На истите им се понуди и сместување во едно од прифатилиштата на Министерството за труд и социјална политика.

Општина Центар по комплетно расчистување на просторот ќе започе со реконструкција, зазеленување и поставување на урбана опрема во паркот.

Општината ги отстрани дивонаселените граѓан(к)и и деца од „Урбан парк“, но каде ќе отидат тие жители...?

Дехран Муратов

This post is also available in: AlbanianEnglish