Смее ли полицијата да брише фотографии и видеа на граѓанските новинари?

Полицијата ги бришеше фотографиите и видеата на граѓанските новинари што снимаа и фотографираа на место на несреќата каде што загина еден полицаец. Во сообраќајната несреќа во Хиподром животот го загуби полицаец, откако во службено возило што го користел удри патнички воз.

Полицијата ги брише фотографиите и видеата на граѓаните кои ја документираа несреќата кај Хиподром

Анонимниот граѓански новинар нѐ извести дека полицијците им ги бришеле сите материјали на граѓан(к)ите што се обидоа да го документираат настанот со своите мобилни телефони. До ЦИВИЛ често пристигнуваат прашања што се однесуваат на тоа дали полицијата има право да им ги брише фотографските и видео записите на граѓанките и граѓаните.

Затоа, уште еднаш, да потсетиме со цитирање на неколку одредби од Законот за полиција:

Член 55
Полицискиот службеник во извршувањето на полициските работи може да издаде усна наредба на граѓанин во случаи кога е тоа потребно за:
- да се заштити животот и личната сигурност на луѓето и имотот;
- да се спречи извршување на кривично дело или прекршок, да се обезбедат траги од кривично дело и предмети што можат да послужат како доказ во кривична или прекршочна постапка;
- да се одржи или спречи нарушување на јавниот ред и мир, како и за воспоставување на нарушен јавен ред и мир;
- заштита на сигурноста на објекти и личности кои се обезбедуваат;
- контрола, регулирање и безбедност во сообраќајот на патиштата;
- обезбедување на државната граница и контрола на преминување на државната граница и
- спасување на луѓето и отстранување на последиците од природни непогоди и други несреќи.

Член 56
Предупредувањето и наредувањето се вршат на јасен, недвосмислен и разбирлив начин.

Привремено одземање на предмети

Член 57
(1) Полицискиот службеник може привремено да одземе предмети со наредба на суд, во случаите утврдени со Законот за кривичната постапка.
(2) Одземањето на предмети може да се изврши и без наредба на суд, во следните случаи:
1) кога постојат основи за сомневање дека се работи за предмет на кривично дело, прекршок или имотна корист прибавена со кривично дело или прекршок кој може да послужи како доказ во постапката, доколку постои опасност од одлагање;
2) кога заради заштита на општата безбедност, одземањето на предметот неопходно е потребно и
3) на лице на кое привремено му е ограничена слободата на движење, а поседува или може да употреби предмет за самоповредување, напад или бегство.

Во консултација со правните експерти на ЦИВИЛ, заклучуваме дека полицијата може да забрани фотографирање и снимање во одредени ситуации, или во конкретниот случај, кога се работи за полициско возило.

Д. М.