Релативно мирни избори, мали инциденти и очекувани резултати

ЦИВИЛ во прес центарот по вчерашниот долг набљудувачки ден на претседателските избори и предвремените парламентарни избори во Охрид, Дебар и Ново Село, четири прес конференции и голем број обработени извештаи од аналитичкиот центар, со почеток 21:30 часто одржа и една кратка панел дискусија за прелеминарните оценки во првиот круг од изборите.

Говорници на дискусијата беа професорката на Правен факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Јасна Бачовска, новинарот Зоран Иванов и политичкиот аналитичар Сашо Орданоски.

Говорниците се согласија дека денот на изборите помина релативно мирно и очекувано имајќи в предвид како се одвиваше изборната кампања, односно како ја водеа самите кандидати за претседатели и политичките партии што ги поддржуваа.

Сашо Орданоски, политички аналитичар, Прес центар на ЦИВИЛ, 21 април 2019/ Фото: Џ. Дерала

За Сашо Орданоски, неофицијалните резултати што беа познати во време на одржување на дискусијата, беа очекувани со блага предност на ВМРО-ДПМНЕ с оглед на првичните проценки во јавноста за нивниот рејтинг.

„Се покажа, исто така, дека албанските гласови не се лесно распоредливи, како што се мислеше, дека излезноста во сите албански места понекогаш е и драстично помала од места каде што има или мешано или е со повеќе етничко македонско население со други етнички групи… Ова од една страна и добар резултат бидејќи ќе го мотивира ВМРО-ДПМНЕ да не излезе на бојкот, од друга страна многу тешко ќе биде да се постигне 40% излезност. Не знам што драматично може да се случи, но секако најважното нешто е што првиот изборен круг помина навистина нормално на една демократија. Односно, да нема некакви драстични нарушувања на гласачките процеси и права, со исклучок на ова дека ние сепак не можеме да се надеваме на скандинавски избори без скандинавска администрација, па и без скандинавци кои би живееле во Македонија.. Секако ќе очекуваат две жестоки недели, и мислам дека сето ова покажува дека ќе бидат тесни резултати“, беше оценката на Орданоски.

Јасна Бачовска, професорка, Прес центар на ЦИВИЛ, 21 април 2019/Фото: Џ. Дерала

Професорката Бачовска се фокусираше на медиумите, социјаните мрежи и начинот на презентирање на изборните кампањи.

„Многу ме разочара фактот што политичките партии многу малку направија во кампањите. Значи, цензусот директно зависи од тоа што ќе се направи, која енергија ќе се вложи да ги извадите апатичните од ова. А тука, високо исполитизираните на некој начин треба да ги мотивирате и да им пратите некакви апели на корист за да излезат, бидејќки и чувството на политичка ефикасност е многу битна. Всушност демократијата се мери со тоа колку имаме чувство дека ние одлучуваме во едно општество… Исто така, во државата е девалвирана институцијата претседател. Гледаме како доминираат партиите, ние сè уште зборуваме за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и така ги мериме силите, аликот на претседателот никаде го нема… Се наметна една тема каде што можете да градите само една краткорочна политичка кариера“, изјави Бачовска.

Зоран Иванов, новинар, Прес центар на ЦИВИЛ, 21 април 2019/Фото: Џ. Дерала

За новнирот Зоран Иванов донекаде е постигнат „скандинавскиот“ ефект на изборите и покрај инцидентите кои се резултат на важноста на секој поединечен глас. Според него ваков изборен ден е за очекување со оглед на важноста за евроинтеграциите.

„Мислам дека немавме чувство дека со списоци се вадеа луѓе или дека се ветуваат вработувања. Тоа е едната димензија. Втората димензија е дека партиите водеа кампањи и партиите си ги одмеруваа своите рејтинзи, особено АЛијансата за Албанците, Беса и ВМРО-ДПМНЕ. На СДСМ тоа не му беше толку потребно, како да сакаше да покаже, еве со крупна албанска партија, политички моќна и влијателна, дека можат да излезат со заеднички кандидат. Но, и тој заеднички кандидат беше изнуден. Ако добро се сеќавате Али Ахмети првин се обрати до лидерите на другите албански партии за заеднички кандидат, а тие го одбија. Сепак, мислам дека досегашните резултати покажаа дека ова е крупен чекор што го направи ВМРО-ДПМНЕ и нивниот нов претседател, Христијан Мицкоски, кој со добар резултат ќе биде и лидер на партијата. За сега е само претседател“, оцени Иванов.

Првичните оценки укажуваат дека имавме релативно мирни избори, со изборни нерегуларности што покажуваат административни недостатоци и тесен резултат што ги води кандидатите за претседатели Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова во вториот круг на претседателски избори на 5 мај.

Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Фотогорафија: Џабир Дерала