Протестите низ објективот на граѓанските новинари во Битола

Граѓанките и граѓаните во Битола, денеска во рамки на проектот "Граѓански објектив", ќе имаат можност да ги проследат последните 10 наградени трудови на граѓанските новинари од цела Македонија. Настанот ќе се одржи под мотото „Граѓаните набљудуваат, снимаат, објавуваат“, на плоштад „Магнолија“, пред Магазата, денеска со почеток во 19 часот.

DSC_0222

Видео и фото содржините, кои тричлената комисија на ЦИВИЛ – Центар за слобода одлучи да ги награди, зборуваат за прекршување на основните човекови права и слободи, политичката криза и проблемите со изборниот процес.

Дел од десетте наградени содржини се стории кои сведочат за притисоците со кои се соочуваат сите кои размислуваат различно од паријата на власт, независно дали станува збор за единствениот орален хирург во Источна Македонија, или се работи за уредникот на единствениот медиум во Берово. Сториите на граѓанските новинари, потврдуваат дека власта е безмилосна кон секој кој гласно говори против деструктивните политики во сите сфери од живеењето.

Притисоците врз невработените лица, со закани и уцени од Агенцијата за вработување, за бришење од евиденцијата на невработени, како и злоупотребата на лични податоци и телефонски повици за дополнителни проверки, непосредно по завршувањето на теренската проверка на Државната изборна комисија, се наградените стории кои пристигнаа од граѓанските новинари токму од овој град.

Општини без гинеколог, смртни случаи на родилки, бебиња кои умираат на пораѓај, се само дел од резултатите на лошите реформи во здравството. Според фото содржината која пристигна од граѓанскиот новинар од Скопје, тоа не е пречка за гинекологот во амбулантата во општина Петровец, да побара да биде првиот кој ќе биде известен за планирање на бременост.

DSC_0319

Протестите кои се случуваат секојдневно низ градовите во Македонија, го одбележаа третиот циклус од проектот Граѓански објектив. Затоа воопшто не изненадува, што дел од наградените видео и фото стории, се однесуваат на продемократските протести, испратени од граѓанските новинари и активисти. Тука не изостануваат ни заканите и уцените, за присуство на контра-протестот во Скопје, кога беа носени контра-демонстранти од цела Македонија, како и бришењето на натписите испишани од демонстрантите на Шарената револуција.

Покрај наградените трудови, битолчани ќе имаат можност да проследат видео материјали подготвени и од граѓанските новинари од Битола, снимани за време на протестите во Битола.

„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе за развој на граѓанското новинарство во земјата. Општа цел на проектот е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на претстојните избори и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси. Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право низ интерактивна и динамична активност, која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со создавање и прибирање фотографски, видео, аудио и пишан материјал, кој ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.

Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.

Марија Теговска