Преку пазари, манастири и земјоделство до претседателска фотелја

Сите претседателски кандидати се изјаснија како натпартиски, но сите на изборите одат со поддршка токму од партиите. Сепак, кога станува збор за ДУИ, чија поддршка ја дадоа, заедно со коалициониот партнер СДСМ, на Стево Пендаровски, се однесуваат како да се работи за поинаков вид на избори. Промоцијата, средбите со граѓаните и повикот да се гласа на претседателските избори поминува без да се спомне името на кандидатот што го поддржуваат, а за негова слика и да не зборуваме.

Но, лидерот на ДУИ не пропушта да присуствува на главните митинзи кои ги одржува оваа партија и тоа во затворени простории. Како да се кријат или со таквиот затворен круг на посетители имаат друга агенда, зад превезот на претседателските избори. Кој знае…

Премиерот Зоран Заев не пропушти да се пошегува и во Прилеп: „Зоки, ако сакаш да знаеш кој ќе победи на изборите прашај некој од Прилеп. Прилепчани знаат… Велам од каде сега тоа, зошто?… Како бе човек, што е? Погледај регистарски таблички, ПП значи претседател Пендаровски“. Богами досетливо. Кој ли се досети на ова?

Пендаровски се прошета во Демир Хисар, Росоман, Градско и секаде порача дека неговите заложби остануваат исти што се однеусва до ЕУ и НАТО, а онаму каде што беше потребно, го оправаше земјоделието ветувајќи убави суми за неговиот развој.

Дека ништо иновативно нема да видиме и во кампањата на Блерим Река, покажува неговото патешествие во Боговиње и Теарце каде не пропушти да зборува за слободата на гласачите, наспроти диктаторските партии што се борат за власт. Нели по сите оние „хвалоспеви“ на претставниците на партиите што го поддржуваат, Река потсети дека ако изборите успеат, причината ќе биде албанската свест што напредувала низ годините и денес никој не може да ги присили Албанците да гласаат против својата волја.

Гордана Силјановска Давкова, пак, го избра Тетово, за да ја чепне темата за Законот за јазиците. Според неа, овој закон ќе создаде хаос во инсититуциите, факултетите, претпријатијата. Некако попатно, таа се обиде да се оправда дека не е националист. ОК. Само уште да најдеме некој што во тоа и ќе поверува. Затоа што е родена во турска куќа, како што вели?

А во Гостивар, пак, Силјановска го пофали гостиварскиот пазар што дише со мултикултурализам. Таман доволно мулти-култи производи потребни за кујната на Гога.

А посетата во манастирот Св. Ѓорѓија е посебна приказна. Вели дека манастирот ѝ ја дал потребната сила за „битка за праведна Македонија“. По логиката на нештата, нели, во речникот на професорката нема Северна.

Секој си води кампања како му одговара. Па дури и се „шлепаат“ со изборите, за да добијат на видливост и популарност во дневно  партиските преписки по медиумите. Сѐ уште е нејасно, ова е кампања за претседателски избори или борба меѓу партиите со јака волја за моќ?

Б. Јордановска