Поткупот на гласачите е најпонижувачко кршење на гласачкото право

Изборниот поткуп влијае на тајноста на гласање и заштитата на гласачкото право. Поткупот директно влијае и на крајниот резултат на изборите. Најмногу за поткуп се користат гласачите што се социјално загрозени или се членови на некоја политичка партија или во било која форма зависат од одлуките што ги носат надлежните органи и институции што, пак, се во релација со центрите на моќ

Биљана Јордановска

ЦИВИЛ започна со објавување кратки, едукативни прилози за различните видови изборни нерегуларности, со кои се обидува да придонесе кон јакнење на јавната свест за правото на глас и кон превенција од изборни нерегуларности. Меѓу тие текстови беше и текстот посветен на поткупот на гласачите, еден од најтешките облици на кршење на гласачкото право. Во тој текст, ги потсетивме нашите сограѓанки и сограѓани дека:

„Правото на глас не е привилегија. Тоа е право кое никој не смее да го одземе, ниту да го ограничи или манипулира. Со правото на глас никој нема право да тргува или да ја условува слободната волја на гласачите со услуги, бенефиции, пари, безбедност или со други придобивки, права или забрани…“, пишува во „Моето гласачко право“, едукативна публикација на ЦИВИЛ за јакнење на јавната свест, едукација и мобилизација на граѓан(к)ите за подобрување на изборните процеси што јасно го дефинира изборниот поткуп.

Понатаму, во истата публикација, организацијата им се обраќа и директно на гласачите: „Ти никому ништо не должиш. Поткупот што ти го нудат, ќе биде повеќекратно наплатен од тебе, од твоето семејство и од твоите сограѓанки и сограѓани!“

Поткупот на гласачите е најчесто насочен кон најранливите категории на граѓанки и граѓани. Сиромашните, оние што зависат од социјална помош, што не можат да си ги платат сметките за струја или вода, што немаат ни за леб… Тие се „најевтините“ гласачи, а поткупот за нивните гласови најчесто е 500 денари по човек. Но, често тој износ се заменува со вреќа брашно, кутија со намирници и средства за хигиена, а неретко и со плаќање сметки.

Најинтензивно, поткупот на гласачи се случува на денот на гласање. Тогаш, гласачкото тело се подложува на закани, уцени, нудење работни места, но и на поткуп. Поткупот го спроведуваат и најобични партиски солдати, но и функционери. Тоа е добро организирана и софистицирана криминална операција што чини многу пари.

Ако пропустот е направен за време на изборната кампања кога „пазарењата“ се со одење од врата на врата, свикување во канцелариите кај претпоставените, тогаш просторот пред и околу гласачките места, освен за броење на гласачи, кој влегол, кој излегол, служат и за дополнителен притисок, опомена, потсетување за веќе направениот „пазар“, но и за дополнително купување на гласови.

Во 2014 година во тек на претседателските и предвремените парламентарни избори, ЦИВИЛ дојде до видео снимка на која еден граѓанин експлицитно потврдува дека тој и членовите на неговото семејство добиле по 500 денари за да гласаат за еден од претседателските кандидати на овие избори.

Во 2016 за време на предвремените парламентарни избори, ЦИВИЛ документираше и сведоштво за поткуп на гласачи вработени во администрација. Локален функционер на ВМРО-ДПМНЕ и вработен во администрацијата на една општина делел пари за поткуп на жителите на едно село во таа општина, за да гласаат за владејачката партија. Дел од поткупените гласачи требало да поткупуваат и други гласачи.

Истата година граѓански новинар до ЦИВИЛ испрати видео снимка од денот на изборите, 11 декември, каде соговорникот наведува имиња на локалните функционери што вршеле поткуп, колку чинел еден гласа, имиња на сите што биле вмешани во процесот и нивните функции во јавната администрација.

Мошне илустративен е примерот и за манипулациите поврзани со поткупот на гласачи. ЦИВИЛ во 2017 година (локални избори) објави список што ВМРО-ДПМНЕ го достави до меѓународната заедница со имиња на организации, но и конкретни луѓе за кои партијата тврдеше дека наводно ќе вршеле поткуп на гласачи. Таа листа беше објавена интегрално на ЦИВИЛ Медиа и беше доставена до сите набљудувачи и соработници на ЦИВИЛ за проверка на информациите од документот. Резултатот од тој засилен мониторинг и верификација на наводите на ВМРО-ДПМНЕ беше што ЦИВИЛ утврди дека нема ниедна потврда за обвинувањата, но истовремено до организацијата пристигнаа пријави за поткуп на гласачи што не беа поврзани со ниту еден од наведените во овој контроверзен документ.

Овие неколку примери во низата детектирани низ годините од ЦИВИЛ, како организација со долгогодишно искуство во изборен мониторинг, ја отсликуваат болната изборна реалност  во земјата каде изборниот поткуп е еден од најчестите начини за добивање на изборни резултати.

Изборниот поткуп влијае на тајноста на гласање и заштитата на гласачкото право. Поткупот директно влијае и на крајниот резултат на изборите. Најмногу за поткуп се користат гласачите што се социјално загрозени или се членови на некоја политичка партија или во било која форма зависат од одлуките што ги носат надлежните органи и институции што, пак, се во релација со центрите на моќ.

Но, како во борбата против поткупот на гласачи?

Се разбира, постојат закони кои го регулираат или објаснуваат изборниот поткуп, Изборниот законик, Кривичниот законик, Законот за спречување на корупција и суди на интереси, свои законски задолженија во случај на изборен поткуп има и Министерството за внатрешни работи, но проблемот останува.

На пример, во новиот Закон за спречување корупција, поткупот на гласачи се дефинира во член  37 став 1 и 2, според кој доколку Државната изборна комисија дознае или има основи за сомневање за поткуп при избори и гласање, односно за давањето или ветувањето подарок, или друга корист за себе или за друг, на избирач при избори или гласање на референдум, за да гласа или да не гласа, или да гласа за определен кандидат или определена одлука, за тоа без одлагање писмено треба да го извести надлежниот јавен обвинител. То, пак, во рок од 30 дена по приемот на известувањето треба да ја извести ДИК за мерките и активностите што ќе ги преземе обвинителството.

Според овој закон казнива е и понудата за поткуп. Според член 64  секој облик на нарушување на неутралноста на власта во однос на изведувањето на изборите содржи активна опасност од заплашување или поткупување на граѓаните од позицијата која моментално ја има одделна политичка партија. Во услови кога најголем дел од администрацијата зависи од политичката волја на партијата којашто е на власт и во ситуација кога е можно селективно применување на законите во однос на бизнис заедницата, отсуството на партиска неутралност и активното вклучување на Премиерот и министрите во изборните процеси, претставува директно кршење на одредбите на овој кодекс.

Но, ако се навратиме на почетокот на текстот, одговорноста ја имаат и самите граѓани. Зошто? Затоа што уставно загарантираното право на глас, го користат за партиски бенефити, лични профити, многу често и поради притисок, уцени  и закани. Полесно им е да прибегнат кон прифаќање или нудење на поткуп за заштита на својот на своето семејство, најчесто егзистенцијален, интегритет, отколку да го задржат своето достоинство и гласање по сопствено убедување.

Ние никому ништо не должиме. Но, како гласачи и треба да се избориме со штетните влијанија од ваквиот начин на „тргување“ со нашето уставно загарантирано право на глас.

 


Со цел да придонесе кон јакнење на јавната свест за правото на глас, како и за нерегуларностите во изборните процеси, ЦИВИЛ започна со серија едукативни текстови за различни аспекти на изборните процеси. 

Граѓанките и граѓаните што имаат информации за кршење на правото на глас, злоупотреби, притисоци и други нерегуларности во текот на изборниот процес, можат да пријават на онлајн формуларот Слободни избори или да контактираат со ЦИВИЛ на [email protected], во инбокс на ФБ страницата на ЦИВИЛ или да се јават на 02/5209176.