Последен прес на ЦИВИЛ: Изборната администрација предизвикала најголем број на нерегуларности

ЦИВИЛ-Центар за слобода го проследи првиот круг на претседателските избори со 160 набљудувачи на терен. До затворањето на гласачките места во 19 часот, во аналитичкиот центар на ЦИВИЛ стигнаа 170 извештаи за регистирани неправилности од повеќе од 300 избирачки места.

Набљудувачите на ЦИВИЛ пријавија два случаи во кои самите биле оневозможени да спроведат набљудување на изборниот процес во две избирачки места во Тетово и во Охрид.

Покрај тоа, во пет случаи медиумски екипи им пријавија на набљудувачите на ЦИВИЛ дека се спречени или оневозможени да известуваат за процесот на гласање на избирачки места во Тетово, Велес и скопските општини Бутел и Аеродром.

Значителен дел од пријавените неправилности се поврзани со Избирачкиот список. Досега, според извештаите на нашите набљудувачи, најмалку 150 лица на 40 избирачки места биле спречени да го остварат своето право на глас поради избирачкиот список.

Најмногу изборни нерегуларности предизвикала изборната администрација, односно од сите до сега обработени извештаи тие се застапени со 61,1%. 9,5% од извештаите содржат информации за политичките партии како предизвикувачи на нерегуларности.

Според извештаите, информации за проблеми со Избирачкиот список се застапени со 21,1%.

Набљудувачите на ЦИВИЛ забележаа уште неколку сериозни случаи на нерегуларности од кои еден обид за поткуп на гласачи, регистриран во Дебар, каде се забележани и притисоци од одредена политичка партија. Луѓето се на терен и сè уште ги иситуваме сите факти со овој случај. Што се однесува до Дебар забележано е и преголемо присуство на полицијата.

Имаме и сведоштво од вработен во администрација кој бил принуден да направи список со сигурни гласачи. Забележани е евиденции на гласачите во речиси сите општини од каде што доаѓаа извештаите од нашите набљудувачи.

ЦИВИЛ Тим за комуникации