Отворено за суштински прашања на отворено со ЦИВИЛ

Штотуку започна панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Граѓаните за државата или државата за граѓаните?!“ во Мобилната галерија на ЦСУ во Градскиот парк.
Говорнички на дискусијата се професорките Мирјана Најчевска и Јасна Бачовска, како и активистката Мерита Максути.

Акцент на панелот, како и на јавниот настан на ЦИВИЛ кој вечерва се одржува во Градскиот парк се транспарентноста и недоговорноста во политичките процеси, владеењето на правото, човековите права, медиумите и граѓанското учество.

Пред дебатата на присутните им се обратија претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала и Дехран Муратов, како и активистката Јована Здравевска, по што публиката имаше можност да ги проследи видео проекциите на најуспешните и највлијателните стории на граѓански новинар(к)и.

„Се обидуваме да придонесеме кон транспарентноста на сите структури. Затоа што таа е важна и е дел од тоа што подразбира едно демократско општество. Ние бараме и одговорност. Нам ништо не ни значи ако некој е транспарентен но не поднесува одговорност. За жал, се уште гледаме неподнесување на одговорност“, истакна претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала зборувајќи за целите на проектот Граѓански објектив, додавајќи дека инспирацијата за овој проект организацијата ја добива токму од граѓанките и граѓаните низ целата земја.

Дехран Муратов од ЦИВИЛ и активиската Јована Здравевска ги презентираа највлијателните стории на граѓански новинари, меѓу кои се најдоа сториите за жителите на битолски Баир кои и во 21 век, се уште живеат без вода, хоророт во казнено-поправните домови во земјата, стории за социјалната правда и секојневните проблеми со кои се соочуваат граѓанките и граѓаните. Или со зборовите на Муратов, прилозите за сето она што традиционалните медиуми не можеа и не сакаа да го видат, а го следеа граѓанските новинарки и новинари.

Овој настан е дел од проектот Граѓански објектив, финансиран од National Endowment for Democracy.

Маја Ивановска
фотографија: Биљана Јордановска