Отпадно железо го загуши Скопје

Загрижен граѓански новинар кој сака да остане анонимен до редакцијата на ЦИВИЛ Медиа испрати фотографии од огромен чад кој синоќа бил забележан во близина на фабриката „Макстил“.

Според Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, во фабриката се запалило отпадно железо пред рециклирање, при што бригадата интервенирала со девет возила и 21 пожарникар, јавува МИА.

Поради високата температура и густиот чад што се развиле од пожарот, дополнително биле побарани три цистерни со вода од Комунална хигиена, три цистерни од Водовод и едно противпожарно возило од рафинеријата „ОКТА“.

Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томески за МИА изјавил дека опожарени се околу 500 кубни метри складирано железо и оти сè уште се работи на терен.

„Температурата е намалена и почнува да се работи на физичко отстранување на материјалот и негово догаснување“, изјави Томески.

 

Од фотографиите на граѓанскиот новинар се гледа дека пожарот сè уште гори, но овој пат чадот се движи кон Скопска Црна Гора.

 

М. И.

 

This post is also available in: AlbanianEnglish