Орданоски: Нема скандинавски избори - без скандинавска администрација

Генералната слика останува дека во првиот круг има излезност од 42 отсто, и ако се следат искуствата, нема да се постигне цензус од 40 отсто во вториот круг, бидејќи реално вторите кругови носеле помала излезност, оцени политичкиот аналитичар Сашо Орданоски, на панел дискусијата на ЦИВИЛ-Центар за слобода, веднаш по завршување на претседателските избори.

Тој додава дека според истражувањата реално е дека ВМРО-ДПМНЕ постигна подобар резултат отколку што се очекуваше.

„Се покажа дека албанските гласови не се дистрибуираат така лесно, неможе шематски да се контролираат како што некој сака и мисли дека може. Излезноста во средини со етничко албанско население знае понекогаш да биде драстично помала, за разлика од места каде што има повеќе македонско или мешано население.

Овие резултати ќе го мотивираат ВМРО-ДПМНЕ да излезат во втор круг и да не ги бојкотираат изборите, меѓутоа ќе биде тешко да се постигне цензусот од 40 отсто.

Она што е добро во една нормална демократија е што изборите во првиот круг поминаа без некои драстични нарушувања на гласачките права и процеси. Меѓутоа ние неможеме да се надеваме на некакви скандинавски избори без скандинавска администрација“, истакна Орданоски.

На прашањето на модераторката на ЦИВИЛ, Биљана Јордановска, што ќе се случи во вториот круг доколку резултатите се тесни и деколку има потензичен ден за време на гласањето, Орданоски додава дека не очекува да има тензичен ден на вториот круг, иако влоговите се големи.

„Резултатите од овие избори се помалку драматични за СДСМ отколку за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи овие резултати се виза за сегашното раководство на партијата. Со овие резултати раководството ќе се стабилизира и покрај сите фракции во партијата, иако резултатите се далеку помали од предвидувањето и очекувањата дури и на лидерот Христијан Мицковски кој најавуваше дека ќе има над 500 илјади гласови за Гордана Силјановска Давкова.

Ове резултати се од партиската армија на двете партии кои излегоа на гласање. Тие што не излегоа на гласање се неопределените гласачи или тие што веќе не се во државата.

Претседателските кандидати неуспеале да осмислат кампањи кои ќе бидат атрактивни на социјалните мрежи и да стигнат до што поголема публика, тука не се мисли за националистичките тролови кои правеа кампањи за омаловажување на противикот.

И во овие избори видовме дека Избирачкиот список е „фантастичен“. Еве ќе го земеме пример Дебар, каде што излегоа над 40 отсто да гласаат, меѓутоа таму всушност гласаа 90 отсто од наслението кое живее таму, бидејќи реално, половина од таможните жители се отселени од државата. Во минатите избори имаше повеќе гласови во Детроит околку во Дебар. Затоа велам дека овој Избирачки список е нереален и тешко дека ќе се постигнува цензус.

Овие избори покажаа дека сè уште врие конфликтот помеѓу Груевски и Заев и етничките Македонци сè уште не се политички зрели да може да ја проценат својата иднина“, нагласи Орданоски.

Тој додава дека нашата земја е чувствителна на либералните вредности, бидејќи ако не сме во состојба да дискутираме за либералните вредности тогаш зборуваме за стабилност, штом зборуваме за стабилност тогаш настапуваат националистичките реторики на дело.

„Преспанскиот договор е голема жртва и се покажува дека политичката агенда во државата е превисока од тоа што народот сака да разговара“, заклучи Орданоски.

Дехран Муратов
Камера: Aтанас Петровски
Монтажа: Биљана Јордановска
Фотографија: Џабир Дерала