Нови бомби на руска социјална мрежа

На само два дена пред почетокот на изборниот молк, на руската социјална мрежа ВКонта́кте од анонимен профил, именуван како Илија Громовник се објавени прислушувани телефонски разговори на функционери од власта и личности кои се поврзуваат како блиски до неа, но и на личности од опозицијата како поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

На Фејсбук, пак, постојат повеќе профили со истото име, што пропагираат бојкот на претстојните претседателски избори.

Уште поинтересен е фактот што објавените разговори најпрво се споделени од Фејсбук страницата на Трета политика поврзан со Љупчо Палевски.

За сега, од Министерството за внатрешни работи и Специјалното јавно обвинителство нема повеќе информации освен дека се изненадени од објавените разговори. СЈО, во изјава за ТВ 24 гарантираат дека од кај нив нема протечено ниту еден материјал и најавија проверка на тоа дали ги поседуваат овие разговори.

Според содржината на објавените разговори станува збор за досега необјавен материјал.

На повидок е скандал поврзан со прислушуваните разговори кои се дел од долгите преговори меѓу власта и опозицијата. Имено, во овој период беше актуелен обидот на опозицијата, преку преговори со власта, да ги минимизира улогата и ингеренциите на СЈО, а прислушуваните разговори да ги маргинализира како докази во судските постапки против поранешни високи владини функционери, вклучувајќи го и поранешниот премиер Груевски. Впрочем, сега власта преговара со партијата што го организираше масовното прислушување и спроведуваше криминална власт, за судбината на СЈО кое токму нив ги гони.

Во време кога СЈО и правдата што се очекува од неговата работа се на удар, објавувањето на овие прислушувани разговори преку руска социјална мрежа, прво споделена од радикалите на Трета политика, претставува скандал и ироничен потсетник дека оние што предизвикале една политичка криза не можат да бидат дел од решението на таа криза.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

This post is also available in: English