Најчевска: Додека гласаме за партии наместо индивидуи нема да имаме демократија

Професорката Мирјана Најчевска, на синоќешната дебата „Граѓаните за државата или државата за граѓаните?!“ која ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода се обиде да одговори на две прашања, до каде сме со демократијата и до каде сме со контролата.

„Ние во овие 28 години уште учиме за демократија и уште никако да научиме. Она што најчесто се заборава, односно елементот кој недостасува, кога зборуваме за демократијата, е индивидуата. Значи демократијата се базира на индивидуи, не се базира на групи. Наспроти тоа во нашата држава имаме партии, имаме невладини организации, навивачки групи, етнички групи, религиозни групи, имаме секакво групирање, само немаме индивидуи. Се додека не научиме дека основа на демократијата е човекот, индивидуата, ние нема да мрднеме ни чекор понатаму“, вели професорката Најчевска.

Таа смета дека кога недостасува индивидуата, недостасува и индивидуалната одговорност, па затоа е многу лесно да се префрли одговорноста, а со тоа се губи и квалитетот на индивидуата.

„Зборуваме за институции, но тие институции вредат онолку колку што вредат индивидуите во нив. Но, ние многу често ги гледаме институциите како хомогени структури, како згради, како урбани елементи, но никако да ги видиме како збир од индивидуи и од квалитетот на тие индивидуи кои се таму зависи каква ќе биде таа институција. Се додека не дојдеме до тоа да гласаме за индивидуи нема да излеземе од овој затворен круг на недемократичност“, смета Најчевска.

Најчевска вели дека кога постои индивидуална одговорност, кога постојат мерливи елементи, треба оние коишто се одговорни да бидат казнети.

„Некогаш имам впечаток дека под владеење на правото се подразбира владеење на законите, а тоа воопшто не е исто. Законите може да ги донесе било кој и може да бидат и најлошите закони на светот. Правото е нешто сосема друго. Правото е начинот на којшто се доаѓа до одредено законско решение, партиципацијата на граѓаните, интересите и потребите коишто се содржани во тоа законско решение и начинот на којшто се обезбедува“, истакна таа.

текст и монтажа: Маја Ивановска
камера: Атанас Петровски
фотографија: Биљана Јордановска

This post is also available in: AlbanianEnglish