Најава за кршење на изборниот молк

Фејсбук страницата Република Македонија, на 4 мај, ден пред вториот круг претседателски избори, организира „Мандат револуција“, за која, како што пишува на настанот објавен на страницата, е поради незадоволството на граѓаните.

Индикативно е што „револуцијата“ е закажана за време на изборниот молк.

„Нашата Македонија е под закана од Македонските и албанските политичари. Македонија ГУБИ политички. Време е да се врати гласот назад на Македонскиот народ! Народот е главниот мандат во све, а не албанскиот политичар. ТИ си мандатот на Македонија! ТИ си гласот на Македонија! Користи го секој ден! НЕ се плаши! НЕМАМЕ веке време!“, стои во повикот.

Официјални организатори на настанот не се означени, но од самата страница и од содржината на повикот лесно може да се претпостави од која партиска кујна се продуцира овој пропаганден материјал. Повикот може да се протолкува единствено како политичка пропаганда во изборен контекст. Без оглед на тоа дали се работи за повик да се гласа за одреден претседателски кандидат или е своевиден повик за бојкот на претседателските избори во вториот круг, ова кршење на изборниот молк во најава содржи и отворен говор на омраза врз етничка основа, со нагласувањето на „албанскиот политичар“ како најголемата опасност на македонскиот народ, како и врз политичка основа, нагласувајќи го „македонскиот политичар“ кој, заедно со „албанскиот политичар“ претставува „закана“.

Воедно, повикот дополнително е злоупотреба и манипулација на идејата граѓанските демократски иницијативи, меѓу другото, со слоганот „Нема правда, нема мир“ со кој се прави обид да се присвои граѓанскиот отпор во периодот до 2016 година.

„Нема лоша влада, сите се добри за рушење“, „Паралелното општество се однесува на самоорганизација на етничко или религиозно малцинство, со намера да се намалат или минимализираат просторни, социјални и културни контакти со мнозинското општество. Тоа е нашата реалност во Република Македонија“, „Кој нема избор, има избори“ се само дел објавите на настанот.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува Министерството за внатрешни работи и Државната изборна комисија, соодветно на своите законски надлежности да преземат мерки да се спречи кршењето на изборниот молк што е повеќе од очигледно од овој пропаганден атак на социјалните мрежи.

Маја Ивановска

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.